Search

Во Полска регистриран рекорден број смртни случаи од Ковид-19 во еден ден

Полското Министерство за здравство денеска соопшти дека регистрирало рекорден број на смртни случаи од коронавирус во еден ден, дури 58. Од официјалните податоци на министерството, исто така, се забележува и забрзан раст на бројот на хоспитализирани и на оние што се приклучени на респиратори.

Во земјата денеска има 2.236 новоинфицирани лица, што е блиску до рекордот што беше постигнат во саботата, со 2.367 случаи на заразени.

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот Полска, држава со население од 38 милиони, има вкупно 104.316 случаи на регистрирани инфекции и 2.717 смртни случаи, многу помалку отколку во другите европски земји.

– Се повеќе луѓе се испраќаат во болница, но се повеќе и повеќе завршуваат на одделенија за интензивна нега затоа што им требаат респиратори. Ова е многу загрижувачко, изјави полскиот заменик министер за здравство Валдемар Краска за телевизијата Полсат њуз.

Министерството планира да го зголеми бројот на болнички кревети за пациенти со Ковид-19 и најави измени во правилата околу носењето маски.

Полска брзо воведе рестриктивни мерки во раните фази на пандемијата, но владејачката Партија на правото и правдата (ПиС) вели дека не сака ваквите економски штетни мерки повторно да стапат на сила. Државата на почетокот на пандемијата беше успешна во борбата со коронавирусот, но откако во мај беа укинати ограничувањата, бројот на заразени почна рапидно да се зголемува како резултат на патувањата за време на празниците и големите настани како што се свадби.

Училиштата и градинките во земјата повторно беа отворени на 1 септември.

Треба да знаете
Последни објави