Search

Владата ги прифати мерките: Нема веќе ди-џеи и пејачи во локалите, на маса ќе можат да седат најмногу четворица

Владата на вечерашната седница ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири, потврди министерот за здравство Венко Филипче.

– Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица, посочи Филипче во изјава за ТВ 21.

Пртетходно, Филипче изјави дека ова се апсолутно оправадни мерки и дека сега е добар период кога треба да се имплементираат.

– Секако ја пратиме ситуацијата и понатаму доколку треба имаме план и за дополнителни рестрикции ако тоа се изнуди, изјави Филипче.

Тој посочи дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале, како есенски бран по завршување на годишните одмори.

– Имаме зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20 години, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години, изјави Филипче.

Министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.

Според него, за ваквите и за други мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци, кога се очекува и појава на сезонскиот грип, настинки поради студеното време, кало зголемена загаденост на воздухот.

Треба да знаете
Последни објави