Со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот КОВИД-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата.
Онаму каде ќе се појави потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, Владата им препорача на Општините како основачи на градинките, во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца, да обезбедат соодветно решение.
Анализите покажуваат дека во согласност со мерките предвидени во Протоколот градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца.
Според информациите од надлежното Министерство за труд и социјална политика дел од родителите што веќе ги пријавија децата, изминатиот период не ги носеа децата во градинка.
Затоа Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да утврдат дали овие деца ќе престојуваат во градинките, со единствена цел во јавните установи за згрижување деца да бидат згрижени сите деца согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, односно оние на кои тоа им е неопходно.
Владата внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки кои се во интерес на граѓаните и на државата.