Советот за безбедност на сообраќајот ќе донира опрема за сообраќајните единици во МВР

Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари работна средба со претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата,  Гордана Кожуваровска. Целта на денешнава средба беше утврдување на видот и количините на опрема што РСБСП во наредниов период ќе ја обезбеди како донација за надлежните сообраќајни единици во МВР за зајакнување и модернизирање на уредите и опремата во делот на сообраќајот.

„Изминативе години Министерството за внатрешни работи самостојно, но и како партнер со РСБСП, беше дел од многу кампањи од областа на сообраќајот. Превентивното делување фокусирано на повеќе нивоа, почнувајќи од децата и младите, па сè до интензивирањето на сообраќајните контроли низ целата држава, е неопходно и дава позитивни резултати“, рече министерот Спасовски, изразувајќи задоволство од досегашната соработка со РСБСП со надеж дека истата и во наредниов период ќе биде интензивирана.

Кожуваровска на состанокот истакна дека соработката на РСБСП и Министерството за внатрешни работи се реализира на високо ниво, потенцирајки дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет и дека само со заедничка соработка и со комбинација од превентивни и репресивни мерки може да се придонесе за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.

Од МВР најавуваат дека сообраќајната полиција во наредниов период интензивно ќе постапува на терен и ќе работи на подигање на безбедноста на сообраќајот на едно повисоко ниво – притоа јасно демонстрирајќи дека нема никаква толеранција за алкохолизираните возачи, за неисправните возила по коловозите, за непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.

Треба да знаете
Последни објави