Нова рунда преговори помеѓу Косово и Србија во Брисел

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Авдулах Хоти, ќе допатуваат во Брисел в понеделник за нова рунда преговори на највисоко ниво под покровителство на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Јосеп Борел. Информацијата ја потврди официјално портпаролот на Борел, Петер Стано, на редовниот брифинг за новинари во Европската Комисија.

-Оваа средба е дел од процесот на договор за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина и ќе се занимава со две теми: аранжманите на немнозинските заедници и решавањето на прашањата за взаемни финансиски барања и сопствеништво, рече Стано, иако не беше во можност да прецизира што точно се подразбира под овие термини.

На новинарско прашање за повеќе детали, Стано одговори дека „нема да навлегува во детали пред почетокот на средбата”, и дека целата е да се разговара за сите „отворени прашања околу кои постојат различни или спротивставени гледишта”.

Пред состанок в понеделник, Мирослав Лајчак викендов ќе одржи средби на експертско ниво на кои ќе се разговара за раселените и исчезнати лица како и за економската соработка помеѓу двете страни.

-Целта е да ги заклучиме што е можно побргу сите теми, рече Стано, преку градење мостови помеѓу ставовите на двете страни.

Дијалогот за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово има за цел да вроди со законски обврзувачки договор за двете страни, договор кој е клучен и за ЕУ перспективата на двете земји.

Треба да знаете
Последни објави