Search

(Видео) Илјадници демонстранти пред бугарскиот Парламент

Илјадници демонстранти се собраа пред Бугарскиот Парламент, барајќи оставка од премиерот Бојко Борисов, поради, како што посочуваат, неговиот неуспех во борбата против корупцијата.

Како што пренесува Блумберг, протестите, кои почнаа од јули, ја  продлабочија политичката криза. Активистите повторно ги повикаа Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев да си дадат оставка. Двајцата се обвинети за криење врски со организиран криминал, што тие го негираат.

Борисов предлага измени на Уставот, изјавувајќи дека тоа ќе ја зајакне независноста на судството. Тој најави дека во оној момент кога Народното собрание ќе распише нови парламентарни избори, тој ќе се повлече од позицијата премиер.

Стотици полицајци го чуваат Парламентот во центарот на Софија. Како што пренесуваат медиумите, демонстрантите фрлаа јаболка и јајца и се обидоа да го пробијат кордонот.

Директорот на полицијата во Софија, Георги Илиев рече дека повеќепати повикувал на мирни протести, но дека агресијата против полицијата е зголемена и 20 полицајци се повредени и затруени со гас.

– Ако ситуацијата се влоши, ќе бидеме принудени да употребиме физичка сила, рече тој.

Во текот на ноќта е поставена полициска блокада околу зградата на Парламентот за да се заштитат пратениците. Претседателот Румен Радев, кој се обрати пред Парламентот, и потпретседателката Илијана Јотова поминале слободно меѓу демонстрантите, кои ги поздравиле.

Според анкетите на јавното мислење, 48,3 отсто од испитаниците ги поддржуваат протестите за барање оставка на Владата и јавниот обвинител Иван Гешев, 24,7 отсто ги поддржуваат, но со забелешки до организаторите, а 19,8 отсто се против ваквите постапки.

Според РИА Новости, за време на протестите „десетици” учесници се приведени.

Треба да знаете
Последни објави