Search

Млади уметници од регионот и светот ќе се натпреваруваат во „Охридски бисери” 2020

Во вонредни услови на светската пандемија со корона вирусот, кога бројни настани од областа на културата и уметноста или се откажани или алтернативно се одржуваат онлајн, утре во Охрид, започнува Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери” 2020.

Организаторот на овој престижен и афирмиран натпревар, успеа да привлече триесетина млади музичари од Македонија и од повеќе европски земји.

– Годинава по деветнаесетти пат, младите уметници од Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, но и Германија, Италија, Русија, Чешка, како и од нашата земја ќе се натпреваруваат во категориите пијано и виолина во прекрасниот амбиент на црквата Св. Софија. Во изминатите деветнаесет години „Охридски бисери” стекна реноме на квалитетен професионален натпревар кој им нуди можност на младите уметници за претставување на личните достигнувања, дружење и размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика, кои учествуваат како членови на жири – комисиите, вели Викица Костоска – Пенева, од Организацискиот одбор на „Охридски бисери” 2020.

Поставувањето високи стандарди при конципирањето на програмата и строгата селекција на наградени учесници според организаторите се предизвик за посебно надарени млади музичари од целиот свет кои доаѓаат во Охрид и со учеството на натпреварот ја надградуваат својата професионална уметничка кариера.

„Охридски бисери” е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на меѓународната асоцијација ЕМСИ – европска асоцијација на музички натпревари, од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји.

Особено важно за сите учесници на натпреварот „Охридски бисери” се секако наградите. Во секоја дисциплина и категорија се доделуваат три главни награди, а од победниците на завршниот концерт стручното жири одбира тројца , добитници на вредни парични премии и Гранд при за најуспешниот учесник на целиот натпревар. Освен тоа на натпреварот се доделуваат и специјални награди, од асоцијацијата ЕМСИ, од Фондацијата „Томислав Зографски”, како и од нашите здруженија Сојуз на композиторите на Македонија и Сојуз на музичките уметници на Македонија.

Треба да знаете
Последни објави