Search

Белиот лав Чака спречи кражба во скопската зоолошка

Четири лица ноќеска околу 1.30 часот провалиле во скопската Зоолошка градина. Не е украдено ништо ниту е причинета материјална штета бидејќи чуварот во градината веднаш реагирал, а фатени се откако рикањето на белиот лав Чака ги открило каде се.

Директорот на Зоолошка Ѓорѓи Галетановски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека по пријавата на чуварот полицијата веднаш стасала во градината и ги уапсила провалниците.

„Лицата се прекачиле во градината преку оградата кај бараките на Град Скопје. Полицијата и чуварот ги пресретнале кај живеалиштето на белиот лав Чака, кој во моментот бил во надворешното живеалиште. Ги видел провалниците, се исправил на оградата и почнал силно да рика. Тоа било знак за полицијата полесно да ги најде, по што беа уапсени”, посочил Галетановски.

Галетановски стигнал во Зоолошката кога полицијата ги спроведувала провалниците и вели дека биле уплашени и се треселе од реакцијата на лавот Чака.

„Не го знам мотивот зошто влегле во 1.30 часот по полноќ во градината. Оставам полицијата да го расчисти случајот“, додадел Галетановски.

Зоолошката градина беше ограбена лани на 1 мај. Тогаш крадците украдоа дел од алатот со кој се одржува градината како бурмашини, косилки и моторни пили.

Треба да знаете
Последни објави