Search

Пецас за Турција: Патот е јасен или практична деескалација или санкции

Патот е јасен или практична деескалација или санкции, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, говорејќи за ситуацијата и односите со Турција, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас денеска учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ (Гимних), а Грција очекува високиот претставник за надворешна политика на Унијата Жозеп Борел да ја претстави листата со санкции за Турција, во случај, како што рече Пецас, земјата „да продолжи со прекршувањата и провокацијата”.

-Во секој случај, потребна е решителна одбрана пред силите на авторитаризмот, незаконитоста и самоволието, истакна Пецас.

Коментирајќи ги изјавите од Анкара, портпаролот на грчката Влада потенцираше дека не може од една страна „да испраќаат порака за ескалација, а од друга страна порака за деескалација и разговор”.

-Очекуваме од Турција да покаже практична деескалација со цел, она што јавно го кажува, дека го почитува меѓународното право и дека со дијалог сака да ги реши проблемите, што всушност е само еден проблем- одредување на морските зони, да го покаже во пракса, рече портпаролот на грчката Влада.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на црвените линии на Грција во Источниот Медитеран, Пецас истакна дека тие се исти на сите грчки влади и е „одбраната на националниот суверенитет и на суверените права, ништо помалку и ништо повеќе од тоа”.

Во однос на вчерашниот телефонски разговор на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со американскиот претседател Доналд Трамп, Пецас рече дека „САД се стремат кон стабилност во регионот, и јасно е дека тензијата не ја создава Грција, напротив, подготвена да придонесе за деескалација”.

Случувањата во Источниот Медитеран и турските прекршувања, биле , во фокусот на разговорите на средбата на министерот за надврешни работи на Грција Никос Дендиас со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, според она што го објавија од грчкото МНР на официјалниот „Твитер” профил.

Дендиас и Столтенберг се сретнаа на маргините на Гимних во Берлин.

Треба да знаете
Последни објави