Search

Мета ги повика Албанците во Црна Гора да ја искористат историската можност преку масовно учество на изборите

Албанскиот претседател Илир Мета преку видео порака на социјалните мрежи ги повика Албанците на Црна Гора да ја искористат историската можност со масовно учество на изборите на 30 август.

Мета, исто така, потенцира дека овие избори се можност за зајакнување на европската перспектива на земјата.

-Изборите на 30 август се одлична можност за сите црногорски граѓани да ја зајакнат европската перспектива на нивната земја. Во оваа прилика изразувам убедување дека нашите сонародници во Црна Гора ќе ја искористат оваа историска можност преку широко учество, но и преку нивна поддршка за албанските алтернативи, со цел да ја зголемат својата застапеност во парламентот на Црна Гора, како и во сите идни владини институции, наведува Мета.

Тој порача и дека Албанците треба да се чувствуваат горди за историската улога што ја одиграл и придонесот што го дал досега албанскиот фактор во Црна Гора.

-Да се гордееме со досегашната историска улога и придонес на албанскиот фактор во Црна Гора. Тој несомнено ќе продолжи и во иднина, за да се гарантира европската перспектива на оваа пријателска, соседна и незаменлива партнерска земја, за мирот и стабилност во нашиот регион,порачува Мета.

За разлика од него, вчера албанскиот премиер Еди Рама ги повика сите црногорски граѓани да гласаат за партијата на Мило Ѓукановиќ „за да може земјата да продолжи да се развива”.

-Благодарност што Мило постои, не само за Црна Гора, туку и за Албанија и Албанците во Црна Гора, на Косово и на други места во регионот, како и за целиот наш регион како целина, вели Рама во видео пораката.

Политичките партии на Албанците на неделните парламентарни избори настапуваат со заедничка кандидатска листа.

Треба да знаете
Последни објави