Search

Шилегов очекува Лајка да проработи во септември, во Скопје преброени околу 2.500 кучиња скитници

Стационарот Лајка очекувам да биде отворен кон првата половина на септември. Двете оперативни сали за животни веќе се целосно опремени и тоа ќе биде предмет на анализа на Агенцијата за заштита на храна и ветерина. Кога ќе почне да работи, ќе почне во полн капацитет, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

После подолго време, посочи Шилегов, мапирани се и пребројани кучињата скитници и станува збор за неофицијална бројка не поголема од 2.500.

Прашан за тоа колку е запознаен и задоволен со работата на директорката на јавното претпријатие Лајка, Шилегов рече дека капацитетот е при самиот крај и треба да се пушти, така што не може да зборуваме за реален квалитет или неквалитет во извршувањето на функцијата.

– Секако работата на секој еден раководител, во било која градска институција е под опсервација и се санкционира. Веројатно сум и еден од ретките којшто разрешува луѓе или повикува на нивна одговорност, изјави Шилегов.

За тоа дали има субјективни слабости во односи во релација со здруженијата за заштита на животните, Шилегов рече дека ги следи реакциите и дека ќе поразговара на таа тема.

– Она што го знам, ако тоа е предмет, е дека дел од намештајот којшто е во директорската канцеларија на Лајка е приватен намештај на директорката, кој што го има донесено таму. Не е намештај за којшто се потрошени јавни пари, изјави Шилегов.

Во однос на реакциите од здруженијата за заштита на животни дека тие ги прават операциите, а стационарот иако не работи зема пари, Шилегов рече дека пред почетокот на пандемијата се издвоиле средства со цел да им се дадат на здруженија да ги вршат тие операции за коишто зборуваат.

– Мора да бидеме сите вклучени инклузивни во тој процес за да го решиме проблемот со кучињата скитници, изјави Шилегов

Треба да знаете
Последни објави