Search

Севиља по шести пат победник на ЛЕ: Лукаку промаши зицер, па даде автогол

Севиља покажа дека е специјалист во Лигата на Европа, во финалето во Келн во неверојатен натпревар го совлада Интер (3-2) и го грабна шестиот трофеј во натпреварувањето, што е рекорд по бројот на освоени трофеи.

Тимот од Андалузија досега немаше загубено финале, а Интер не успеа да му го нанесе првиот пораз во мечот за трофеј во Лигата на Европа.

Дуелот почна според планот на Интер, затоа што уште во третата минута Диего Карлос беше невнимателен, во казнениот простор го фаулира Лукаку, а откако судијата покажа пенал, Белгиецот ја презеде одговорноста и донесе рана предност за „нераѕурите“.

Брзата предност на италијанскиот тим Севиља ја неутрализира Де Јонг, кој во 12. минута перфектно реализира со глава, по уште подобрата асистенција на Навас.

Само неколку минути по изедначувачкиот гол следеше спорен момент, откако Диего Карлос играше со рака во шеснаесетникот, ама судијата Дени Макиле не покажа на белата точка. Во 33. минута, Севиља успеа да направи пресврт, повторно со гол на Де Јонг, а три минути подоцна следеше брз одговор преку Годин со глава, за 2-2.

По феноменалното и атомско прво полувреме, темпото на игра падна на стартот на второто. Се играше мирно и тактички во воведните петнаесетина минути, па и двете екипи внимаваа да не погрешат. Севиља и Интер имаа добри шанси, но немаше реализација. Лукаку сам излезе пред голот на Севиља, но голманот на Шпанците беше поспретен од Белгиецот.

Тимот од Андалузија обезбеди ново водство во 74. минута, по едно невимание на Лукаку. Диего Карлос се обиде да погоди со „ножички“, а иако топката одеше надвор од голот, Лукаку постави нога и си постигна автогол.

Треба да знаете
Последни објави