Search

Австралискиот премиер се премисли за програмата за задолжително вакцинирање за Ковид-19

Премиерот на Австралија, Скот Морисон, во средата брзо го смени ставот откако објави дека ќе ја направи задолжителна потенцијалната вакцина против коронавирус, велејќи дека наместо тоа ќе ги „охрабрува“ граѓаните да се вакцинираат, пренесуваат австралиските медиуми.

Морисон го започна денот со изјава дека целта на неговата влада е огромно мнозинство од населението да добие бесплатна вакцина и дека очекува таа да биде задолжителна, освен за исклучоци од медицински причини.

Австралиската влада проценува дека до 95 отсто од населението треба да биде имуно на вирусот за тој да биде искоренет.

„Очекувам вакцинирањето да биде задолжително колку што е можно да се направи. Зборуваме за пандемија што ја уништи глобалната економија и ги однесе животите на стотици илјади низ целиот свет и повеќе од 430 Австралијци. Ни треба најобемен и сеопфатен одговор на ова за да ја вратиме Австралија во нормала“, рече Морисон во радио интервју.

Тој беше поддржан од министерката за индустрија, наука и технологија, Карен Ендрјуз, која појасни дека размислуаваат тоа да биде задолжителна вакцина.

„Во суштина, ќе има медицински исклучоци што ќе бидат разгледани, но јасно е дека премиерот стави до знаење дека ќе гледаме тоа да биде задолжителна вакцина“, рече Ендрјуз, посочувајќи дека прашањата, како што се казните за одбивање на вакцината, ќе се разгледуваат кога ќе дојде време за тоа.

По неколку часа Морисон ја смени реториката, велејќи дека не сакал да каже оти вакцината ќе биде задолжителна, туку дека ќе ги „охрабрува“ граѓаните да ја примат.

„Има претерани реакции на предлогот ова да биде задолжителна вакцина. Она што сакаме да го постигнеме е колку што можеме помасовно вакцинирање. Не можеме да принудиме некого да ја прими вакцината“, рече тој во средата попладне.

Владата на Морисон потпиша договор за обезбедување на 25 милиони дози од вакцината за Ковид- 19 од универзитетот Оксфорд ако таа се покаже успешна во испитувањата, пренесува Би-би-си. Австралија, исто така, потпиша договор во вредност од 18 милиони американски долари со американската фармацевтска компанија „Бектон Дикинсон“ за снабдување со 100 милиони игли и шприцови.

Морисон вели дека се надева оти вакцината, ако се докаже дека е ефикасна, ќе им биде достапна на Австралијците бесплатно, од почетокот на следната година.

Австралија, која има 25 милиони жотели, забележа 450 смртни случаи од Ковид-19, повеќето во државата Викторија. Претходно овој месец, Викторија прогласи состојба на катастрофа и воведе строги карантински мерки на изолација.  Сè уште има повеќе од 7.000 активни случаи, но бројот на нови инфекции е во опаѓање.

Треба да знаете
Последни објави