Search

Натпис во ресторан во Кина предизвикал бурни реакции кај гостите: Пред да јадете – погледнете ја вистината во очи

Еден ресторан во кинескиот град Чангша поставил две големи ваги за мерење пред влезот, охрабрувајќи ги луѓето да ја измерат својата телесна тежина пред да влезат, а потоа да нарачаат оброк кој ќе соодветствува на нивните килограми!

По мерењето, клиентите треба да ги внесат своите податоци во апликација која ќе им препорача храна од менито што е соодветна за нив.

Акцијата, сепак, наишла на исклучително лош прием кај луѓето, а на социјалната мрежа Веибо, хаштазите поврзани со ресторанот се споменати повеќе од 300 милиони пати. Ресторанот набрзо се извинил за погрешниот пристап во помагањето на националната кампања наречена “Чиста чинија”.

“Нашата првична намера беше да се намали количината на храна која што се фрла и да се поттикне нарачување храна на здрав начин. Никогаш не сме ги присилиле клиентите да се мерат”, навеле од ресторанот.

Шокантна количина на фрлена храна

Претседателот Кси Џинпинг ја “разгорел” националната кампања оваа недела, нарекувајќи ја количината на фрлена храна “шокантна и вознемирувачка”.

Набргу потоа, Здружението за кетеринг индустрија во Вухан побарало од рестораните да го ограничат бројот на јадења кои ги служат, односно да воведат систем каде групите на клиенти треба да нарачаат едно јадење помалку од бројот на луѓе кои нарачуваат.

Државната телевизија, исто така ги критикувала стримерите на социјалните мрежи кои се снимаат додека јадат големи количини на храна.

 

Треба да знаете
Последни објави