Search

Истрага и санкции за забавите на кои не се почитуваат здравствените протоколи

Министерот за здравство Венко Филипче вчера побара од надлежните институции – МВР и инспекторатите да спроведат истраги и да ги санкционираат забавите во повеќе градови за кои се објавени фотографии на социјалните мрежи, а кои се во спротивност со пропишаните здравствени протоколи.

– Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, рече вчера Филипче.

Тој посочи дека ние сме една од ретките земји која целиот овој изминат период има протоколи за функционирање на компании, бизниси, угостителски објекти, хотели, плажи, базени.

– Тие протоколи се темелат на јасни епидемиолошки принципи. Задолжителното носење маски, одржувањето на физичката дистанца е единствениот начин со којшто ние ќе излеземе од оваа здравствена криза. Доколку се придржуваме до превентивните мерки бројот на заболени ќе се намалува, рече Филипче.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за МИА вчера изјави дека по петочната контрола на Клубот „Аватар” во Струмица, денеска ќе биде поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на ковид-19.

Инаку, освен во Струмица инспекторите чешлале и други објекти во неколку други градови во државата.

Во текот на претходното деноноќие по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 296 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19.

Во Крушево, во пресрет на празникот Илинден чекаат Комисијата за заразни болести да каже како ќе се прославува и како ќе се одвива манифестацијата „10 дена Крушевска Република”.

Според крушевскиот градоначалник Томе Христоски, кој е и претседател на манифестацијата „10 дена Крушевска Република”, големиот Илинден и 117-годишнината од Илинденското востание ќе се прослават достоинствено, но очигледно ќе изостанат собирањата. Само се знае дека програмата на манифестацијата ќе биде скратена, но за сè друго, треба да даде препораки Комисијата за заразни болести.

Треба да знаете
Последни објави