Search

Дерковски: Од ниту еден подносител немаше целосен приговор

Немаше воопшто докази за приговорите и во тоа беше проблемот, вели претседателот на ДИК Оливер Дерковски во вечерашното гостивање на Топ Тема образложувајќи го одбивањето на сите приговори за изборите.

Веројатно подносителите си имаат свои причини зошто ги поднеле на тој начин, меѓутоа да поднесете приговор во кој ќе напишете три реченици во кои ќе објасните некоја ситуација за повреда на избирачко право или повреда на постапка за сумирање и утврдување на резултатите, а без притоа да приложите било каков доказ, записник од избирачкото место во кој се гледа дека е ставена забелешка од некој од присутните на гласачкото место од подносителот, а да не очекувате дека некој ќе ви прифати приговор. Тоа нема да се случи, вели Дерковски.

ДИК отфрли 1.478 приговори од Левица бидејќи не беа потпишани. Дерковски тврди дека не е битен печатот туку потребен е само потпис за да се идентификува подносителот и од тие причини како неуредни согласно Изборниот законик беа отфрлени тие приговори.

-Сите останати 504 или 505 беа со ист текст и реченици кои што беа копирани во сите приговори. Дури во нив имаше 20-тина каде што пишување „Приговор за Избирачко место 0“. Сега како очекувате дик да разгледува таков тип на приговори?, прашува Дерковски.

Во приговорите на Алијанса/ Алтернатива во 61 од нив стои истото име на починат и истиот текст во образложението, вели Дерковски кој оценува дека тоа е несериозно однесување за една политичка партија.

Политичките партии треба сериозно да си ја сфатат работата или во иднина повеќе внимание да посветат на оваа постапка за да не им се случуваат вакви работи, порача претседателот на ДИК.

Тој вели дека на минатите претседателски избори имале целосни приговори со приложени засписници и доказен материјал по кои ДИК постапил и отварал гласачки кутии за да ги преброи гласовите во нив, но на овие избори немало ниту еден таков приговор.

Што се однесува до приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за неважечките ливчиња, псоред кои граѓаните во текот на кампањата биле наведувани да го пречкртаат „Северна“ на ливчињата за подоцна бидат прогласени како неважечки, вели дека доколку имаат такви наводи тогаш треба да поднесат пријава до обвинителството.

Треба да знаете
Последни објави