Search

Чавушоглу за Аја Софија: Функцијата на објектот и не е толку важна, важно е да се сочува наследството

Турција ќе го извести УНЕСКО за промените поврзани со истанбулската Аја Софија, откако Анкара реши да го претвори музејот во џамија, рече денеска турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Турскиот суд во петокот го поништи декретот од 1934 година со кој Аја Софија, некогаш византиска црква, беше прогласена за музеј, а претседателот Таип Ердоган, прогласувајќи го објектот за џамија, рече дека првите молитви ќе се одржат во рок од две недели.

По објавата на Ердоган, УНЕСКО во петокот соопшти дека ќе го разгледа статусот на ова обележје кој во моментов е на листата на Светското наследство.

Чавушоглу рече дека Анкара е изненадена од реакцијата на УНЕСКО и дека ќе ја информира организацијата за понатамошните чекори што треба да се преземат во врска со Аја Софија, која била византиска црква девет века пред Османлиите да ја претворат во џамија.

„Мора да го заштитиме наследството на нашите предци. Функцијата може да биде ваква или онаква, тоа не е многу важно“, рече Чавушоглу за државната телевизија ТРТ Хабер.

На прашањето за критиките и загриженоста што доаѓаат од Грција и други земји, на кои им се придружи и папата Франциско, Чавушоглу рече дека одлуката да се претвори Аја Софија во џамија е легална.

„Ние ја почитуваме сечија позиција, дури и ако не се согласуваме со тоа, но остро ги отфрламе коментарите дадени на начин кој ги крши суверените права на Турција“, истакна тој.

Грција во петокот ја осуди одлуката на Турција, велејќи дека тоа ќе влијае не само на односите меѓу двете земји, туку и врз односите на Турција со ЕУ.

Папата Франциско во неделата рече дека е повреден од одлуката на турските власти.

Треба да знаете
Последни објави