Search

Здружение на земјоделството и прехранбената индустрија бара компаниите да не бидат вклучени во предизборната реторика

Да не се користат компаниите што работат на македонскиот пазар во предизборна кампања и да не се повикува на бојкот на производи. Тоа се компании кои работат според законите и регулативите на државата што сите треба да ги почитуваат. Нивното искористувањето во предизборни активности е удар за македонската економија.

Компаниите кои работат на македонскиот пазар не треба да бидат дел и вклучени во предизборната кампања и реториката на политичките партии. Стопанскиот сектор во земјата е независен и не треба да биде користен во собирање политички поени. Компаниите од мал, среден и голем профил работат согласно домашната регулатива и домашните и меѓународните пазарни прописи кои прецизно дефинираат како македонските компании и производи ќе бидат декларирани на локалниот и на странските пазари.

Секој повик на бојкот на домашните компании, што произлегува од политички или лични мотиви, нанесува голема и ненадминлива штета, посебно во период кога македонското стопанство се соочува со потешкотии произлезени од Ковид-19 пандемијата. Повиците за бојкот и споменувањето на компаниите во политички контекст создаваат дезинформации и погрешна претстава за работата на македонските компании.

Во тој контекст, Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија упатува апел до партиите, политичарите и сите оние кои се вклучени во предизборната кампања да не ги злоупотребуваат името и репутацијата на компаниите. Исто така, упатуваме апел и до граѓаните да не потпаѓаат на политичките реторики и провокации и да ги поддржат македонските компании и производители, посебно во овие тешки и неизвесни моменти.

 

Домашниот сектор вработува илјадници македонски работници и е главниот фактор во поттикнување на македонската економија. Ударот врз компаниите е удар врз целокупното стопанство и најмногу кон вработените. Со повик за апстинирање и бојкотирање на македонските производи, се прави штета на илјадници вработени во домашниот сектор и на нивните семејства.

Треба да знаете
Последни објави