Search

(Видео) Надојдени реки во БиХ активирано лизгање на земјиште и поплавени се над 100 куќи

Повеќе од 100 семејни куќи и други објекти беа поплавени при излевање на неколку реки и потоци, и прогласена е состојба на природна непогода во шест општини во североисточна Босна и Херцеговина.

Најлоша е состојбата во округот Тузла поради дождот што паѓа неколку дена. Покрај поплавување на повеќе од сто семејни домови, беше активирано и лизгање на земјиштето.

Поради поплавите, главниот пат што ја поврзува Тузла со Сараево беше прекинат. Како што објави босанската радио-телевизија, локалното население во текот на ноќта поставило вреќи со песок во критичните области за да престане да навлегува вода преку патиштата.

Најкритична е ситуацијата кај рудникот за јаглен Ѓурѓевик. Беа загрозени 150 куќи, а шест семејства беа евакуирани.

Надојдената река Гостеља на подрачјето на општина Живинице вчера уништи монтажна куќа, потврди директорот на Канцеларијата за цивилна заштита на округот Тузла, Зоран Јовановиќ.

Поројот го однесе стариот мост на реката Јања кај Бијелина.

Метеоролозите за денеска најавуваат постепено престанување на врнежите.

Треба да знаете
Последни објави