Search

Весковски за Фокус: Нема да организираме класични митинзи, убедливо ќе победиме на изборите

Нема да организираме класични масовни митинзи, трибини и непосредни средби со граѓани со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните, туку ќе ги користиме сите видови на медиуми, социјалните мрежи и онлајн-платформите за да допреме до секој граѓанин на нашата држава и да ја презентираме нашата понуда, вели организацискиот секретар на СДСМ Душко Весковски во разговор за Фокус. Весковски посочува дека во наредниот период приоритет број еден ќе биде справувањето со Ковид 19, но исто така, истакнува тој, и економијата ќе биде во фокусот. Според него, СДСМ убедливо ќе победи на изборите и ќе формира влада.

ФОКУС Со оглед на специфичните околности поради корона вирусот, каква кампања ќе води СДСМ за претстојните парламентарни избори? Дали ќе се одржуваат митинзи, трибини и друг вид на собири каде има непосреден контакт меѓу граѓаните или пак целосно ќе се потпрете на онлајн-кампања?

ВЕСКОВСКИ Како политичка партија максимално сме фокусирани на борбата за справување со корона вирусот. За нас здравјето на граѓаните е врвен приоритет од кој нема да отстапиме и во таа насока ќе се одвива и кампањата за претстојните парламентарни избори. Владата на СДСМ донесе низа квалитетни мерки кои директно влијаеја во борбата со корона вирусот и како политичка парија во наредниот период наша определба ќе биде кампања која првенствено ќе ги заштити граѓаните, а истовремено ќе ги информира за нашите политики, проекти и идеи кои ќе ги реализираме во следните четири години. Нема да организираме класични масовни митинзи, трибини и непосредни средби со граѓани со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните. Ќе ги користиме сите видови на медиуми, социјалните мрежи и онлајн-платформите за да допреме до секој граѓанин на нашата држава и да ја презентираме нашата понуда.

ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и еконоската криза или ќе се обидете да наметнете и други прашања?

ВЕСКОВСКИ За нас битна е секоја сфера од општественото живеење. Не може да градиме здраво општество без рамномерен и балансиран развој. Во периодот пред нас секако дека справувањето со Ковид 19 е приоритет број еден, бидејки само со заштитени, здрави и сигурни граѓани ќе имаме сила сите заедно да се справиме со последиците кои ни ги создава корона вирусот. Во изминативе три години интензивно вложувавме во здравствениот систем што од денешен аспект изгледа навистина исправно бидејки лекарите и медицинските лица се мотивирани да се грижат за здравјето на македонските граѓани, а здравствените услуги ги добива секој, подеднакво брзо и квалитетно. Капацитетите во здравството, клиничките центри, болниците, амбулантите се во постојан развој што е индикатор во борбата против Ковид 19. Економијата исто така ќе биде во фокусот, трите пакети економски мерки и капиталните инвестиции во јавната потрошувачка, помошта за економијата и граѓаните која во овој период достигнува 1,1 милијарди евра или речиси 10 проценти од домашниот бруто производ е показател во која насока ќе се движиме и во следниот период. Државата презеде одговорност да ги заштити сите граѓани и компании погодени од кризата, за да зачуваме што повеќе работни места и да создадеме услови за нови работни места. Се разбира дека во текот на кампањата ќе отвориме прашања поврзани со животната средина, бенефитот кој ни претстои со станување на полноправна членка на НАТО алијансата и започнувањето на преговори со ЕУ, но секако ќе обрнеме внимание на сите теми кои директно или индиректно ги засегаат граѓаните на нашата земја.

ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада?

ВЕСКОВСКИ Очекувам убедлива победа и влада предводена од СДСМ бидејки имаме искрени и чесни намери. Политиките кои ги имплементиравме во изминатиов период не прават дијаметрално спротивни со понудата на нашиот политички опонент. Впрочем граѓаните имаа можност преку техничките министри од опозицијата да се потсетат на методите на работа на груевистичкото ВМРО-ДПМНЕ, да забележат дека ништо не се променило во таа партија и дека желбата за деструкција и некооперативност кај нив е посилна и позначајна од здравјето на граѓаните. Убеден сум дека граѓаните на овие избори ќе препознаат дека она што го сработивме во изминативе три години на меѓународен и на внатрешно политички план е доказ дека се наоѓаме на правиот пат и дека заедно можемеи уште повеќе и уште подобро.

Треба да знаете
Последни објави