Search

Започнува првата фаза од отворањето на грчкиот туризам

Од денеска започнува првата фаза од отворањето на грчкиот туризам, но само за посетители од одредени земји и само кон атинскиот и солунскиот аеродром, додека пак во втората фаза, на 1 јули ќе бидат укинати сите забрани и рестрикции и ќе бидат отворени сите аеродроми во Грција, како и дел од копнените граници со Северна Македонија и Албанија.

Паралелно, освен делумното отворање на туризмот, денеска во Грција има и дополнително укинување на рестриктивните мерки и забраните за работа, па така одново почнуваат со работа сезонските туристички објекти, музеите, фитнес центри и спа центрите.

Освен земјите што се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, од денеска, дозволени се и летови од/кон Италија, Шпанија и Холандија, а забраната продолжува да важи за Северна Македонија, Албанија, Турција и Велика Британија.

За периодот меѓу двете фази, односно до 1 јули, за туристите кои ќе пристигнат во Грција од аеродромите што не се на листата на Европската организација за безбедно воздухопловство, предвидени се тестирања по случаен избор, додека пак за патници од Италија, Холандија и Шпанија, тестот е задолжителен.

Работата на атинскиот аеродром, воопшто не беше прекината поради Ковид-19, но сите патници беа тестирани и префрлани во државен карантин.

А аеродромот во Солун, денеска повторно е отворен по тримесечна пауза.

Во текот на денешниот ден, планирано е во Атина да пристигнат патници од Кипар, Холандија, Франција, Катар, Италија, Австрија, Швајцарија, Германија, Унгарија, Србија, Бугарија, додека пак во Солун од Германија и Кипар.

На аеродромите и во авионите задолжена е употребата на маска, како за туристите, така и за персоналот.

Од 1 јули, ќе бидат отворени аеродромите во цела Грција, ќе се отворат седум гранични премини, а од бродовите што доаѓаат на крстарење, дозволен ќе биде влез на туристи од шест грчки пристаништа.

Тогаш сите туристи, ќе треба да имаат пополнет формулар (Passenger Load factor) со податоци за нивните контакти во Грција, ќе се спроведуваат тестови по случаен избор, а евентуалните позитивни случаи ќе бидат 14 дена во карантин и сместени во хотел-карантин.

Треба да знаете
Последни објави