Словенија сака да ги заостри условите за добивање азил

Словенија со законски измени ќе ги заострува критериумите по кои ќе можат лица при масовна миграција да аплицираат и добиваат азил, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Ваквите измени уште пред неколку недели ги најави министерот за внатрешни работи Алеш Хојс, а амандманите за дополната на Законот веќе се во собраниска процедура.

Законските измени предвидуваат во услови на сложена безбедносна криза и зголемен прилив на мигранти, Министерството за внатрешни работи да може да достави предлог до Владата и да му предложи на Собранието да изгласа привремено ограничување на примената на Законот за меѓународна заштита на бегалци и азиланти.

Ваков сличен амандман за ограничување на можноста за аплицирање за азил, минатата година беше укинат од Уставниот суд на Словенија, кој го прогласи за противуставен.

Инаку, официјална Љубљана објави дека дозволила азил за четири дечиња, моментално сместени во бегалските кампови во Грција. Се работи за деца под десет годишна возраст кои ги исполнуваат условите за добивање меѓународна заштита. Тие ќе бидат примени во Словенија како дел од рамноправното споделување на „товарот” од мигрантската криза меѓу земјите членки на Европската унија.

Треба да знаете
Последни објави