Search

Противпожарната од Кавадарци доби донација од Дирекцијата за заштита и спасување

Противпожарната единица од Кавадарци доби донација од Дирекцијата за заштита и спасување. Се работи за теренско возило џип опремено со пумпа за противпожарни дејствувања и интервенции во услови на сообраќајки, како и сет макази кои ќе бидат од голема помош при интервенции при сообраќајни незгоди, кога е неопходно да се сечат одредени возила, за да се спасат животи. Донацијата вклучува и пет пумпи за влечење на вода при поплави и други попратни елементи.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев се заблагодари за донацијата. Потсети дека за три години, голем е напредокот на оваа противпожарна единица, која сега се наоѓа на многу повисоко ниво. Ја пофали соработката со Дирекцијата и други релевантни фактори.

-Жителите на општините Кавадарци и Росоман може да бидат спокојни со оглед на спремноста на оваа едница за противпожарна заштита. Тимот од 27 вработени е добар, целосно опремен и може во секој момент да одговори на потребите од заштита, истакна Јанчев.

Директорот на Дирекцијата, Аднан Џафероски рече дека имаат одлична соработка со Општината Кавадарци на чело со градоначалникот, кој покажал домаќинлук. Тој нагласи дека донацијата е со највисок квалитет.

Александар Чадамов, командир на Територијалната противпожарна единица, рече дека ова е уште еден убав ден за нив. Се заблагодари на Дирекцијата за донацијата и на градоначалникот за соработката.

Годинава, досега имало над 150 пожари на територијата на двете општини кои ги покрива оваа единица. Значително помалку од минатата година.

-Тоа е резултат на сериозноста на населението и затоа упатувам јавна благодарност. Бидејќи помалкуте пожари, значат и помала материјална штета, намалување на загаденоста на воздухот. Севкупно, сите сме задоволни кога има помалку пожари, нагласи Чадамов.

Треба да знаете
Последни објави