Search

САД отворија Конзулат на Гренланд

САД отворија Конзулат на Гренланд во обид да зголемат присуство во арктичкиот регион во борбата за надмоќ со Русија и со Кина.

– Потегот е знак на американската доследност за продлабочување на нашата соработка со луѓето на Гренланд и со цела Данска, изјави државниот секретар на САД, Мајк Помпео.

– Нашето просуство во Нук ќе го зголеми просперитетот што го делиме со нашите пријатели во Данска и на Гренланд додека работиме заедно со други арктички сојузници и партнери за стабилност и одржлив развој на регионот.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година изјави дека сака да ја купи територијата, но неговата понуда веднаш беше одбиена. Тогаш Трамп ја откажа државната посета на Данска.

Ледената територија помеѓу Атлантскиот и Арктичкиот Океан е во голема мера автономна, но Данска управува со надворешните работи, одбрана и монетарна политика.

Американците последен пат имаа конзулат таму од 1940 до 1953 година.

Администрацијата на Трамп во своето барање за буџет во февруари издвои 587.000 долари за Стејт департментот да изгради постојана конзуларна служба наменета за зајакнување на секторите за развој на туризмот, здравство и природните ресурси на Гренланд.

Барањето во февруари се очекуваше да биде исполнето со поддршка заради големиот обем  на ретки минерали на Гренланд како и локацијата. Тие минерали  се клучни во изработката на високо-технолошка опрема за војската, како што се ласерски наведувани ракети, борбени авиони Ф-35 и подморници, како и смартфони и електрични автомобили, наведува Политико.

Треба да знаете
Последни објави