Search

„Фешн Груп” донираше апарат со кој се прават тестови за Ковид -19 за половина час

 Автоматизиран молекуларен RT-PCR апарат и тестови за детекција на корона вирусот, со кои за 30 минути ќе се добие резултат, донираше компанијата „Фешн Груп” за Институтот за јавно здравје.

– Голема благодарност до „Фешн Груп” за оваа донација која ни беше потребна. Апаратот е со четири независни модули, што значи дека наеднаш можат да се изработуваат четири тестови, така што капацитетот за 24 часа е околу 168 тестови. Тестот е одобрен од FDA, а системот е патентиран. Тестот е со исклучително висока сензитивност и е наменет за брза детекција на коронавирусот.  Времето за изработка е 30 минути за позитивен примерок, а 45 минути за негативен. Предноста на овој тест е што постапката е целосно автоматизирана, манипулацијата со примерокот е сведена на минимум, со тоа е намален и ризикот од контаминација и вкрстена контаминација на примероците, изјави директорот на Институтот Шабан Мемети.

Донацијата ќе придонесе Институтот уште побрзо и навремено да ја прави дијагностиката во време на пандемија.

–  Горди сме што како Групација придонесовме и обезбедивме апарат и тестови со брз резултат на Институтот за јавно здравје, кои ќе служат во борба со корона вирусот. Навистина е важна поддршката на институциите кои неуморно се во првата борбена линија со пандемијата. Групацијата Фешн Груп како општествено одговорна компанија во изминатите 26 години постојано се грижи за своите граѓани и целокупната заедница, истакна оперативниот директор на Фешн Груп, Тони Јанковски.

Од компанијата додаваат дека тие постојано се грижат за здравјето на нивните вработени и потрошувачи со спроведување на највисоки мерки на заштита согласно препораките на СЗО.

Треба да знаете
Последни објави