Бугарите од 1 јуни ќе патуваат во Грција и Србија без карантини и тестови за коронавирус

Бугарија, Грција и Србија постигнале договор за отворање на границите од 1 јуни за секаков вид на патувања. При влез нема да се бараат тестови и нема да има никакви карантински мерки. Информацијата на прес-конференција ја соопшти бугарскиот премиер Бојко Борисов. Тој рече дека при влез во земјите ќе се пополнува формулар со кој патниците ќе потврдат дека во моментот на патувањето не се наоѓаат во карантин.

Кон овој договор како што рече Борисов веројатно ќе се приклучи и Романија. Борисов, српскиот претседател Александар Вучиќ, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и романскиот премиер Лудовиќ Орбан разговараа за олеснување на патните мерки за граѓаните од секоја од четирите држави во другите три земји, во екот на пандемијата „КОВИД-19“. Целта е да се создадат услови за патување и обновување на туризмот меѓу граѓаните на четирите држави без наметнување карантин од 14 дена, но во исто време – во согласност со сите барања за хигиена за безбедност против коронавирусот.

На видео-конференцијата присуствуваа и министрите за надворешни работи и за внатрешни работи, здравство, транспорт и туризам на четирите држави.

-На 1 јуни имам состанок со претседателот Вучиќ за да видам како се гради Балканскиот тек, и со мојот колега Мицотакис да му покажам како да се изгради интерконекторот со Грција, автопатот Струма и сите проекти што продолжија и покрај кризата, рече Борисов.

 

Треба да знаете
Последни објави