Search

ОМД стана партнер на Бирото за попис на САД во тековниот попис на населението

Американското Биро за попис соработува со илјадници невладини организации за успешна реализација на Пописот 2020 во САД и објавува за нив на официјалниот веб страна. Една од организациите за кои денеска објави е Македонската Обединета Дијаспора.

– За да се охрабри учеството во Пописот 2020 меѓу македонската заедница во САД, Македонската Обединета Дијаспора (ОМД) создаде водич за јазична помош на македонски и започна кампања за тоа на социјалните мрежи, се вели во известувањето од Бирото за попис.

ОМД од своја страна изрази задоволство што стана национален партнер на Бирото за попис во спроведувањето на најважната државна статистичка операција на САД.

Јулија Велков, американска Македонка од третата генерација, е директор за демографски програми во Бирото и испрати порака за значајноста на пописот и преобројувањето на американските граѓани.

– Американското Биро за попис ги поканува сите американски граѓани да се попишат и се охрабрува секој да го пополни формуларот. Личните информации нема да бидат објавени или употребени против вас од други владини агенции или судови и единствено ќе бидат употребени за да се направи статистичка проценка, информираа од ОМД.

ОМД ја лансираше кампањата на социјалните медиуми „И Македонците се важни: Американски попис 2020″ со цел да ги охрабри луѓето да ја посетат веб страницата https://my2020census.gov и да напишат „Македонец/Mакедонка” (Macedonian) на прашањето под број девет.

ОМД претпоставува дека во САД живеат околу половина милион Американци со македонско потекло.

– Официјалните статистика ја нема точната бројка. Тоа ни штети нас и на партнерството меѓу нашите две држави, велат од ОМД. Повикуваат секој Американец со македонско потекло да ја пополни графата број девет во американскиот пописен формулар на пописот 2020, кој започна на 13 март и ќе трае до 31 јули.

Треба да знаете
Последни објави