Пецас: Во следните денови ќе го соопштиме планот за рестартирање на грчкиот туризам

Владата подготвува кохерентен план за рестартирање на туризмот, кој ќе биде соопштен во следните денови, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, повторувајќи уште еднаш дека „ова лето нема да биде како ланското и не треба да се прави споредба”, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас истакна дека во однос на туризмот земјата почнува од нула, а што и да добие ќе биде успех.

– Ќе сториме сè што можеме за да добиеме поголемо парче од многу помалата туристичка пита, рече Пецас.

Портпаролот на грчката Влада не откри детали од планот и во однос на тоа дали ќе биде потребен тест пред пристигнувањето на туристите во Грција и во однос на тоа доколку се појави позитивен случај на Ковид-19 на некој од островите за време на туристичката сезона.

Тој додаде дека во владиниот план ќе бидат вклучени сите аспекти и здравствените и во однос на патувањата, но и економските.

Во однос на билатералните договори со други земји кусо рече дека постојат разговори, но и тој дел ќе биде презентиран во склоп на комплетниот план.

За процесот на враќање во „нова нормалност”, Пецас истакна дека во изминатите денови беа направени важни чекори.

– Во саботата се отворија организираните плажи, а од неделата одново работат црквите во присуство на верници. Општата слика и во двата случаи е позитивна. Мнозинството од граѓаните продолжија да покажуваат одговорност, а надлежните органи се погрижија да се спроведуваат предвидените правила, рече Пецас.

Треба да знаете
Последни објави