Косовската опозиција ги одбележа „стоте дена на 100 промашувања на Владата на Курти”

Активисти на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК) со перформанс на главниот плоштад во центарот на Приштина, ги одбележаа стоте дена на Владата на Албин Курти со список од, како што велат, нејзините 100 промашувања, јави дописникот на МИА од Приштина.

Пратеничката на ПДК Флорета Зејнулаху во обраќањето пред медиумите рече дека воопшто не било тешко да се состави листа со промашувањата на оваа влада, за која нагласи дека „дезертира како последица на неспособноста да се справи со пандемијата и економската состојба во земјата”.

Како големи промашувања на Курти, таа ги наброја расипувањето на историските односи на Косово со Соединетите Американски Држави, уривањето на владата од страна на коалицискиот партнер на почетокот од пандемијата, затворањето на границата со Албанија и истовременото отворање на онаа со Србија, координираните изјави против Ослободителната војска на Косово (ОВК) и други.

– Оваа влада со право ќе биде запаметена како влада со најкраток животен век. Оваа влада дезертира како последица на неспособноста да се справи со пандемијата и економската состојба во земјата. Владата на Курти го загрози историскиот однос со САД, но ќе остане запаметена како последна која го стори тоа. Оваа влада ќе се памети поради нелегалното изгласување на буџетот. Оваа влада ќе се памети по кршењето на Уставот, полнењето на управните одбори со партиски војници, вработувањето роднини и незаконското доделување тендери на свои соработници, изјави Зејнулаху.

Поради сето тоа тоа и многу други слабости, смета ПДК, „секој ден на оваа влада во заминување е ден помалку надеж за граѓаните на Косово”.

– Затоа, стоте дена на ова владеење треба да се наречат влада на 100 промашувања, заклучи пратеничката Зејнулаху.

Треба да знаете
Последни објави