Search

Ги победивме и короната и озборувањата, Стефани и Бојан од Штип пресреќни, двата теста на Јовановски се негативни

Семејството Јовановски ја избори битката со корона вирусот. На Стефани и Бојан, кој беше позитивен и цело семејство беа во изолација,  вчерашниот ден означи крај на маките, двата последователни теста покажаа дека е негативен. Од денес веќе можат да продолжат со животот, како што велат, под полна пареа, а најмногу заради нивното синче кое заедно со нив издржа 43 дена дома.

-Да, негативни се двата теста ама мојот сопруг Бојан е позитивен во душа и таков ќе остане. За цело време ниту еднаш не потклекна, не покажа слабост, туку даваше утеха и подршка на сите, повеќе одошто ја добиваше.  Таков е човекот со кој делам веќе девет години заеднички живот и лошо и добро, и среќа и тага. И конечно заврши оваа агонија и тортура. Му благодариме на Господ, на нашите родители кои заедно со нас “војуваа” колку против невидливиот непријател, толку против озборувачите.  Благодариме на сите кои ни беа подршка,  не не оставија на цедило и ниту еднаш не ја свртеа главата на другата страна-вели Стефани.

Ни се што помина, таа вели дека, нема да дозволат никому да им ја помати среќата, особено не на оние кои им го загорчуваат животот, односно  „новинарите“ на нивниот живот.

-Ние живееме во Штип, но сме по потекло од  Пробиштип и Злетово и проблем, меѓу другите озборувања,   беше тоа што сме наречени Штипјани.  Па нам не ни е срам од тоа. Да ни беше срам ќе живеевме,  во други земји  ама ние ете само 35км “побегнавме”. Ова не е вредно за споменување ама  токму тие  деновите во самоизолација ни ги претворија во психичка тортура, мислиш сме им дошле дома на вечера, бегаат од нас како да сме обележани за цел живот. Ма нека бегаат што подалеку, за нив мерките за растојание од 1.5 метар не важат,  туку  1.5 километар, објаснува Стефани.

Во целиот страв за здравјето, во целата голгота што ја поминале поради озборувачите, тие велат дека најмногу жал им било за синчето Максим, кому ништо не му било јасно, освен дека нема да оди надвор.

-Максим заедно со нас не излезе  43 дена од дома.  Цели 43 дена  дете од две години затворено во стан. Многу  болат солзите на дете на кое неможе да му објасните зошто неможе надвор. Знаете ли колку пати ми стоеше пред врата и сакаше надвор а ние немоќни.  Е таа болка ја гори душата повеќе од се. И сега кога се помина ние  повторно да се бориме со озборувања. Егоисти кои не гледаат подалеку од својот нос.  И сега треба ли да прашам дали смееме  да се појавиме некаде. Да излеземе надвор.Важно е што ние ги испочитувавме сите мерки, бевме истрајни до крај. Бевме одговорни за нас, за сите.  Сега треба да ги надополниме пропуштените моменти. Ќе броиме насмевки и солзи радосници. Затоа порачувам на сите- бидете живи и здрави, чувајте се, бидејќи без здравје си ништо, вели Стефани.

Превземено од : MMС

Треба да знаете
Последни објави