Search

Стопанска комора: Здружението на хемиската индустрија покренува иницијатива да се овозможи извоз на средства за дезинфекција

Интегрален текст од видео-изјава од м-р Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

 

Здружението на хемиската индустрија при Стопанската комора на Македонија бара да се укине забраната за извоз на средства за дезинфекција. Станува збор за овозможување извоз на гел и спреј за дезинфекција на раце, како и раствори и концентрат за дезинфекција. Ова барање се иницира во услови кога има сознанија дека на странските пазари постои побарувачка за вакви средства за дезинфекција.

Се разбира, прв чекор во оваа ситуација е надлежните државни институции да ја оценат состојбата на домашниот пазар за вакви производи, со цел таа во ниту еден момент не биде загрозена. Доколку надлежните државни институции оценат дека состојбата со средства за дезинфекција на домашниот пазар е стабилна, тогаш е логично да се одобри извоз на овие производи. Извозот на средства за дезинфекција всушност би го следел примерот на дозволениот ограничен извоз на заштитни маски, којшто во моментов е во важност. Притоа, за да се зачува репутацијата на нашата земја на странските пазари дозволата за извоз треба да се однесува на средства за дезинфекција кои имаат дозвола, односно решение од Министерството за здравство за ставање во промет на вакви производи.

Дополнително, доколку во иднина неочекувано се појави ургентна потреба за заштитна опрема, таа ќе може да биде набавена од земјите-членки на Европската унија согласно одлуката на Европската комисија со која почнувајќи од 26 април, земјите од Западен Балкан, доколку имаат потреба, ќе можат да увезат заштитна опрема од ЕУ. Единствено, предмет на посебни дозволи во ЕУ остануваат заштитните маски.

Во целата оваа ситуација битен фактор е и брзината на носење на одлука од надлежните државни институции за да се искористи правовремено можноста за извоз.

 

Треба да знаете
Последни објави