Search

Тачи по трет пат побара од Курти име на мандатар, инаку самиот ќе предложи кандидат за премиер

Косовскиот претседател Хашим Тачи му се обрати со ново, трето по ред, писмо на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) и вршител на должноста премиер на Косово, Албин курти, со барање да го соопшти името на мандатарот за формирање нова влада, откако на сегашната на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи во писмото до Курти нагласува дека „граѓаните на Косово и политичките партии во земјата со право очекуваат од претседателот да именува нов мандатар” и најавува дека тоа ќе го направи наскоро, согласно неговите уставни надлежности.

Тој бара од ВВ, како партија победничка на октомвриските избори, да предложи кандидат за премиер „во разумен временски рок, согласно итната потреба на земјата да добие нова влада со легитимитет од Собранието”.

– (Во противно) ќе ги преземам потребните дејствија следејќи ги уставните одредби, со цел граѓаните на Република Косово да ја добијат што поскоро нивната влада, посебно во оваа ситуација на пандемија, која бара ефикасна влада со целосен уставен мандат, се вели во писмото на Тачи.

На претходните две писма од претседателот, Курти одговори дека, според неговото толкување на Уставот на Косово, во случај на изгласување недоверба, нова влада може да се формира единствено по нови парламентарни избори. Тој очекува од Тачи да ги распише изборите веднаш штом се создадат услови за нивно одржување, односно по надминувањето на кризата со епидемијата на Ковид-19.

Треба да знаете
Последни објави