Search

МВР ќе отвори единствени броеви само за прашања поврзани со Ковид-19

Министерството за внатрешни работи ќе отвори единствени броеви за цела територија на државата на кои граѓаните ќе може да се јават за сите прашања поврзани со Ковид-19, а бројот 192 ќе биде исклучиво за пријавување на криминал, најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој посочи дека досега МВР има поднесено и околу 18 поднесоци до ОЈО за говор на омраза и ширење на лажни вести.

Чулев, во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно”, рече дека Министерството за внатрешни работи поднело уредба до владата Единицата за беспилотни летала, која беше дел од Управата за безбедност и контраразузнавање,  а моментално не е никаде систематизирана, да биде ставена во рамки на МВР:

Посочи дека се работи за беспилотни летала за кои веќе е платено двегодишно одржување и има одлични оператори, а може да се користи не само од МВР и Агенцијата за национална безбедност, туку и за цивилни цели.

–  Единицата би била од голема помош во функционирањето и зголемената ефикасност на сите сегменти на МВР. Со оглед дека претходно не можевме да ја промениме организациската структурата на МВР во предизборен период, сега немаме избори и поднесена е уредба до Влада со цел да се промени организациската структура на МВР во делот на предвидување на Единицата за беспилотни летала. Сакаме повторно да ја ставиме во функција и на располагање не само за Агенцијата за национална безбедност, туку истата да се користи и за цивилни цели, изјави Чулев.

Единицата, појасни, може да се користи и од Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Катастар и на сите институции на кои имаат потреба, за да нема дуплирање на капацитети.

Треба да знаете
Последни објави