Search

Општина Аеродром – 15 години гордост

 

Под мотото „15 години гордост“ денеска Општина Аеродром требаше да го прослави својот 15. роденден со голема хуманитарна забава на која требаше да настапат познати естрадни уметници, а учениците од основните училишта од Општината да организираат пригодни активности. За жал, околностите со коронавирусот не дозволија 15-годишниот јубилеј да се одбележи со голем традиционален собир на граѓани, ниту на свечен начин да се доделат признанија на заслужни граѓани во Општината.

Сепак, со низата успешни активности што ги организиравме во справување со светската здравствена криза, го оправдавме епитетот од мотото и можеме да кажеме дека сме горди на ефектите што досега се постигнуваат, но и со високото ниво на дисциплина што го покажаа жителите на нашата Општина, почитувајќи ги мерките на Владата во борбата со оваа зараза.

Уште по донесувањето на првите мерки за заштита, организиравме онлајн- настава за учениците, обезбедивме компјутери за учениците од социјално ранливите категории, секојдневно вршиме дезинфекција и чистење на јавните површини како една од мерките за заштита од КОВИД-19, им помогнавме на маркетите и рестораните да примаат нарачки и да вршат достава до домовите на граѓаните за време на полицискиот час, како и на земјоделците непречено да се движат за време на викендите за да можат да ги завршат тековните земјоделски активности. Обезбедивме дезинфекциски средства и држачи за влезовите на станбените згради, а мобилни тимови на Општина Аеродром и на Црвен крст им поделија заштитни маски и ракавици на станарите на Домот за стари „Аеродром“, како и на дежурните вработени во СВР – Скопје. Овие мобилни тимови даваат поддршка на сите лица што не се во можност сами да се снабдат со прехранбени продукти и лекови. За поттикнување на културно-забавниот живот во домашни услови за граѓаните организиравме емитување претстави од традиционалниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

„Горди сме што можеме, вам, на граѓаните, да ви овозможиме подобри услови за живот и во време на криза и ве уверуваме дека така и ќе продолжиме и во наредниот период, со надеж дека што побргу заедно ќе ја надминеме оваа непосакувана состојба. Нека ни е среќен роденденот и наскоро да се видиме во нормални услови кога ќе можеме повторно да се дружиме на нашите традиционални манифестации!“ им порача на граѓаните градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, по повод јубилејниот роденден на Општината.

Треба да знаете
Последни објави