Search

Заев: Пред сѐ како човек, но и како лидер на владејачката партија, најостро го осудувам шокантното насилство врз младата девојка во Штип

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на својот Фејсбук профил го осуди насилството врз девојката од Штип, ги повика институциите да реагираат и соодветно да ги искористат своите надлежности во овој случај.

Деталите околу настанот постојано се разоткриваат. Девојката од видеото појасни подоцна дека истото е снимено пред неколку месеци, а не години, како што првично се тврдеше, и дека не можела со преглед од лекар да го докаже насилството бидејќи е поминато доста време.

Заев во својот статус повика на правда за девојката и најстрога казна за бруталните насилнци.

„Пред сѐ како човек, но и како лидер на владејачката партија, најостро го осудувам шокантното насилство врз младата девојка во Штип кое ја вознемири целокупната македонска јавност. Бруталните насилници мора да бидат најстрого казнети!

Ги повикувам институциите да ја заштитат девојката и најитно да ги искористат сите свои надлежности за насилниците што побргу да бидат изведени пред суд и да ја добијат заслужената казна.

Упатувам апел до сите медиуми и до граѓаните на социјалните мрежи да не го споделуваат вознемирувачкото видео со брутално родово насилство, за да спречат натамошно виктимизирање на девојката.

Во овие моменти, кога се соочуваме со тешки здравствени предизвици, повикувам на свесно и одговорно однесување, како од страна на медиумите, така и од страна на граѓаните, особено на социјалните мрежи, каде што се споделуваат мноштво лажни вести, непроверени информации и видеа со вознемирувачки содржини.“ – напиша Заев на својот ФБ профил.

 

Треба да знаете
Последни објави