Search

Славески: Потребни се брзи интервентни мерки врз стопанството, не смее ниту еден граѓанин да остане без доход

За финансиската и економската криза во државата, кои неминовно ќе ја следат оваа здравствена криза со коронавирусот, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р. Трајко Славевски рече дека владата требаше да има спремно решение за оваа ситуација, затоа што веќе вирусот го зафати пола свет. Сега сите очи на граѓаните се свртени кон владата, а владата потфрли, нема решение вели тој, на денешната панел дискусија Live Chat насловен како “Затоа што секој живот вреди”.

-Долго време и покрај ширењето на заразата во светот, владата се однесуваше како тоа да е некаде којзнае каде и далеку од нас. Се додека не почуствуваме дека тоа е сериозен проблем, кој што се заканува и по здравјето на нашата нација и по македонската економија. Има јавни изјави на менаџери во автомобилската економија во Македонија кои што од средината на февруари алармираа дека поради синџирот на снабдување со репроматеријали и делови од Република Кина, имаат работа за уште две до три недели. И тие предупредувања не беа сфатени сериозно. За да се подготви некој план како одговор на кризата. Затоа ние, односно ВМРО-ДПМНЕ преку партиски известувања предупредувавме дека прво здравјето на граѓаните ќе биде загрозено, а потоа дека сето тоа ќе се одрази врз македонската економија. Ние свесно одиме во рецесија, со некои мерки на државата, се со цел брзината на ширењето на коронавирусот да биде помал. Анализите на експертите е дека во овој месец март, а владата не убедуваше дека последиците ќе се почуствуваат некаде во април, мај, но само за овој месец март државата ќе доживее економски пад за 50 проценти. Ако имаме пад на економската активност за 50 проценти, за само неколку месеци ќе имаме пад на бруто домашниот производ дури за 10 отсто. Ситуацијата е сериозна и потребни се брзи интервентни мерки. Ниту еден граѓанин во државата не смее да остане без доход, ниту еден бизнис не треба да биде затворен, големите компании кои ни требаат треба да ги задржат односите со своите доверители, со банките со снабдувачите, а за тоа ќе треба масовна поддршка од страна на државата, дециден е Славевски.

Оваа криза е различна од сите кризи вели Славевски. Оваа криза е предизвикана од пандемија. Оваа состојба најдобро е да се спореди со кризата од 2008-2009-та година, криза која имаше последици уште неколку години после тоа.

-Големата криза започна како рецесија или финансиска криза. И во нашата понова историја е забележано и тоа е признаено од светските меѓународни институции, дека Република Македонија релативно добро ја преброди таа тешка состојба. Е сега имаме друга ситуација, кога и здравјето е проблем, засегнати се многу животи. Доаѓаме до намалување на економската активност и затоа треба да се обрне внимание врз мерките што ќе ги превземеме за поддршка на граѓаните. Не смее ниту еден граѓанин да остане без доход, а ниту малите бизниси да останат без средства, затоа што од малите бизниси се оддржуваат многу семејства, вели Славевски.

Околу тоа дали има странски финансиски друштва кои што и би помогнале на државата, Славевски истакна дека ММФ има еден инструмент за брзо финансирање со кој што можеме некои 90 милиони американски долари да користиме.

-Имаме и сопствени средства, и драстично ќе треба со ребаланс на буџетот да се скратат сите непродуктивни, неесенцијални ставки во буџетот. Така што, иако со значително задоцнување владата треба да сфати дека треба да реагира за полесно справување со економските, па и со здравствените последици, изјави Славевски.

 

Треба да знаете
Последни објави