Мустафа: Неприфатливо е разрешувањето на министерот Велиу од страна на Курти

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа ја оцени како неприфатлива одлуката на премиерот Албин Курти за разрешување на министерот за внатрешни работи и јавна администрација Агим Велиу, кој доаѓа од редовите на ЛДК, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мустафа изјави за порталот „Газета експрес” дека Курти не се консултирал со него за таквата одлука и дека таа е спротивна на коалицискиот договор.

– Господинот Курти не се консултира со мене, односно јас не сум се согласил со разрешувањето на министерот Велиу. Ова е еднострано дејствие, спротивно на коалицискиот договор и неприфатливо за ЛДК, изјави Мустафа.

Курти денеска го разреши Велиу поради несогласување со неговите ставови во однос на кризата предизвикана со епидемијата на коронавирус.

Во соопштението кое кабинетот на премиерот го достави до медиумите, се вели дека Велиу синоќа се изјасни против ставот на премиерот во врска со намерата на претседтелот на државата Хашим Тачи да се прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот. Освен тоа, Курти го обвинува првиот човек на полицијата дека со тоа што синоќа на телевизијата Клан Косова изјави оти „заразата се шири од час во час”, иако тоа не е точно, предизвикува паника кај народот.

Треба да знаете
Последни објави