Search

Заев: Финансиските последици од коронавирусот ќе бидат големи, но ќе преземеме дополнителни мерки за да и помогнеме на економијата

Претседателот на владеачката СДСМ, Зоран Заев денеска одговараше на новинарски прашања.

-Господине Заев сетот мерки што денеска го објави Владата дали сметате дека е доволен, бидејќи голем дел од функционерите таму се од вашата партија, дали имате информации дали некој нов сет на мерки се планира со оглед на тоа што барем државиве од регионот па и пошироко веќе имаат мерки од типот на да се ослободат граѓаните од одреден број на рати од кредити од долговите бидејќи да не го намалуваме значењето на здравствениот елемент, сепак и економскиот елемент опфаќа голем број на граѓани, верувам знаете дека одредени фирми веќе ги пријавуваат на пола работно време вработените, некаде има и намалување на бројот на вработени , ќе остави секако големи проблеми. Се планираат ли некои такви мерки којшто директно ќе влијаат на семејниот буџет?

„Добро, многу важно прашање, јас се надевам ќе станува уште поважно и ќе биде помалку важно здравјето заради тоа што успешно ќе го контролираме.
Треба да очекуваме сериозна економска криза, ќе ја има насекаде во светот, ќе ја има и кај нас. Прво државата мора да им се најде на граѓаните и на стопанството, за тоа и постои. Нема друга смисла за постоењето на државата како организиран систем, дали е тоа Собрание, извршна власт, општина, правосудна власт итн…и светот така како што го прави тоа, така и ние ќе го правиме.
Прво буџетот е ликвиден, стабилна е државата, навистина е растеретена од големите долгови и може поподготвено да влезе и да се справи со оваа многу тешка криза и ќе биде многу тешка криза. Како што реков сите ќе мора да бидеме солидарни, сите. Најмногу државата, институциите, буџетот а после тоа сите. Ќе трпиме сите и верувам колку порамномерно таа солидарност ја направиме, толку побрзо ќе излеземе од ваквата економска криза. Учествувам заедно со економски експерти овде каде што работам, јас не се движам воопшто. Го кажувам ова како личен пример, вие медиумите ви благодарам многу за професионалната работа, доаѓате, вие го споделувате тоа со граѓаните и помагате многу. Но работам со доста економски тимови затоа што мора да бидеме инвентивни, да ги следиме нашите буџетски можности како држава и да правиме сé за да помогнеме на економијата.
Веќе има десетина дена откако се затворени кафичи, ресторани, дискотеки, хотели, туристички агенции итн. Првиот сет на мерки , гледате има доминација токму кон овие три дејности  угостителството, туризмот и транспортот. Другите дејности се затворени  како на пример молови кои не вршат никаква дејност. Деновите си поминуваат ќе дојде и крајот на месецот, треба да се обезбедат плати, треба да се платат кирии, треба да се покријат и другите трошоци за струја, вода и слично, а кога нема дејност, јасно ни е дека треба да се помага.
Прво мора да го стабилизираме буџетот и во моментот верувам дека Министерството за финансии подготвува да побараме евтини пари. Ќе повлечеме кредити, повлекоа Германија, Америка, повлекуваат сите земји. И ќе повлечеме кредити секако знаејќи дека тие кредити треба да ги враќаме. Ќе повлечеме толку колку што претпоставките, анализата на аналитичарите тоа го велат. Едно е заради стабилност на буџетот, прво за здравје мора да имаме, мора да ги обезбедиме, социјалните трансфери, пензиите и сите други трошоци во државата. Притоа државата треба да биде и доволно силна да помага. Насекаде во светот се преземаат мерки кои што се јавно достапни, ги читаме. Дел од тие мерки кој што денеска беа претставени во Владата се многу истоветни и соодветни на мерките од земјите од регионот, па дури и од современите и развиени европски земји, членки на ЕУ. Така што јас денеска ќе кажам дел за тие мерки и ќе кажам секако дека ќе има и други мерки. Прво многу е важна мерката што банките прифатија сугестијата на народната банка Гувернерката ќе предложи на советот на народната банка да ги одложи резервациите, заради тоа што секое доцнење за наплата на кредитите од граѓаните банките го ставаат како резервација. Тоа е дополнително трошок за банките во народната банка. Ако Народна банка ја тргне таа резервација верувам дека советот ќе донесе позитивна одлука веднаш банките ќе ги одложат наплатата на ратите на граѓаните и на компаниите кои се погодени од кризата. Верувам дека тие што не се погодени во кризата редовно ќе си ги плаќаат сите обврски па и ратите, а и тие што имаат повеќе ликвидни средства, апелирам авансно да платат даноци на државата. Ако имаат пари, стојат на сметката, на својата земја ќе ѝ ги уплатат како авансни давачки. Сето тоа ќе ни биде на располагање да можеме да помагаме, а знаат сите дека ако сега немаат обврски, ќе имаат во август, ќе имаат во септември. Тоа би било од помош, би било акт на солидарност и сериозно ќе го почитуваме. Тоа значи дека банките, колку што знам јас, за ратите во мај, април, јуни ќе бидат одложени и ќе ги информираат своите клиенти, со завршувањето на кризата да продолжат да ги плаќаат ратите додека заврши тој мораториум.
Апелирам, тие што можат, да плаќаат, заради тоа што целиот систем е поврзан. Исто зборувам и за давачките кон државата.
Ја поздравувам Народната банка што ја намали референтната стапка од 2% на 1.75%. Тоа веднаш ќе влијае на кредитите. Драго ми е што институциите прифатија, сега ќе имаат уредби со законска сила, затезната камата која што беше 10% плус ревидентната стапка на Народната банка за правните субјекти ќе биде намалена на 5%, односно преполовена, а за физички лица од 8% на 4%.
Тоа влијае во секојдневието во работењето. Исто така и казнената камата на УЈП, доколку касните со давачки, која изнесуваше 0.03% е преполовена и веднаш со уредба со законска сила ќе биде донесена за да биде намалена на 0.015%.
Одложувањето на аконтацијата за данокот на добивка е сериозна работа. 85% приходите од данокот на добивка, државата ги прибира преку аконтациите. Ние ги одложивме. Сето тоа го одложивме додека трае кризата и пред сé е одложено за фирмите кои што се погодени од кризата. Со завршувањето на кризата, аконтациите ќе треба да се плаќаат навремено, тоа е рата од идниот данок на добивка кој што ќе треба да го платат.
Прв пат во мерка, насочуваме директни пари. Буџетот мора да го стабилизираме и обезбедиме под претпоставка дека стотици милиони евра се предвидени во овие проектирани рокови додека трае кризата.
Во вакви околности сакаме да вбризгаме пари во стопанството и определивме милијарда – милијарда и пол денари за помагање преку социјалните придонеси. Коморите побараа неколку видови помош околу придонесите. Еден од тие е токму тој што го прифативме, а тоа е придонесите да се платат 50% од државата, а останатиот дел да го платат работодавачите, сé со конечна цел полесно да го пребродат целиот овој период.
Сите ние претпоставуваме дека дел имаат некои резерви, дел немаат резерви и затоа може да користат разнолики мерки. Тие се и кумулативни мерки, едниот дел како што е одложувањето на аконтацијата за данокот на добивка, супституцијата, а можат паралелно да ја користат и третата мерка каде што може да им биде директно помогнато од Македонската Банка за поддршка на развој, каде што до сега има 5,7 милиони евра. Ослободуваме и дополнителни 6 милиони кои што ни се на располагање, а со кои на микро, малите и средните претпријатија им даваме бескаматен кредит:
од 3.000 – 5.000 евра на микро;
од 5.000-15.000 на малите претпријатија; и
од 15.000-30.000 евра на средните претпријатија.
Таму има критериуми по статистика кои се тие претпријатија. Сите ќе треба да аплицираат, ќе го добијат бескаматниот кредит со грејс период од 6 месеци на 24 рати. Каматата мора да се плати во банката, Владата ќе ја плати и овде имаме директно издаток. Сето тоа е една лепеза на погодените сектори. Кога би знаеле дека ова ќе остане овде би алоцирале уште, но знаеме дека нема да остане. Има и други погодени сектори каде што ќе развиваме и нови мерки за помагање“.
– Вашите тимови кои што работат, кога го очекуваат пикот на здравствената криза, а кога пикот на економската криза? Претпоставувам правите такви анализи, тоа е многу потребно.
„Правиме анализи и треба да им веруваме на институциите. Секоја криза е можност за верба во институциите. Да се потсредиме сите.
Почнувајќи од мене кон институциите кои во моментот, луѓето од мојата политичка партија ја имаат честа да ги управуваат.
Институциите ќе ги ставиме во состојба да бидат уште поодговорни. Можеме да си поставиме поголем ред и дисциплина во општеството. Убаво ни доаѓа кога гледаме како инспекторите ги контролираат угостителските објекти дали навистина затвориле.
Кога се работи за здравјето, најголемиот дел од нас можеме да ги испочитуваме мерките и задолженијата и се надевам дека 100% ќе ги испочитуваме. Така треба да биде и понатаму. Според анализите кои до сега ги имаме, здравствениот пик го очекуваме за некаде еден месец од сега, меѓу 15 и 20 април.
Светот дури гледа овој пик да го ублажи за да може сите ресурси да бидат рамноправно распоредени за секој граѓанин еднакво да се дејствува и делува.  Значи здравствениот пик го очекуваме тука, што значи доколку имаме период на лечење од 14-28 дена би останал потоа периодот на лекување комплетно на заразените.
Економскиот пик го очекуваме допрва да се случи од почетокот на април и тој ќе се случува и ќе расте и последиците ќе бидат големи. И треба да знаат граѓаните. Не ми е лесно да соопштам таква информација.
Се случува насекаде во светот, во многу посилни економии и оваа криза е поразлична од кризите во 2008 и 2009 година. Таа беше финансиска и ликвидациона криза немаше ликвидност, оваа е здравствена криза каде со препораки и наредби се затвораат дејности и тие не работат, а тогаш беше поради недостаток на пари и поради тоа светот се справува на еден поразличен начин: носи мерки за санација, не носи мерки за превентива, значи не вбризгува пари. Велат Г7 и монетарните и фискални експерти дека давањето на пари во транспортниот сектор не значи дека ќе ги придвижи танкерите по морињата и океаните или пак камионите по патиштата, затоа што возачите се плашат за своето здравје, се плашат и оние кои работат на истовар – растовар. Ако ги намалите даноците и го укинете персоналниот данок и данокот на добивка, не значи дека луѓето ќе имаат повеќе пари па ќе трошат, бидејќи се загрижени за својот ланец на брза храна и за својот дуќан каде пазарат дневно, а тоа доаѓа се поради грижата за сопствената безбедност.
Допрва државата ќе развива економски мерки и не само тоа, туку и на одмината криза ќе продолжиме да помагаме. Тоа ќе направи еден нов и комплетен рефреш и нов почеток, но ако солидарно тоа го понесеме сите, да ги тргнеме сите политички предрасуди и преокупации и да се посветиме за да бидеме уште поуспешни во тој дел, затоа што рамноправно ако е распределено побрзо ќе се справиме со целава работа. Ќе можеме дефинитивно да ги максимализираме сите финансиски средства коишто стојат на располагање на државата преку Владата во овој случај. Концентрацијата не доаѓа во еден човек, во многу земји концентрација со вонредна состојба доаѓа токму кај Претседателот, таков им е системот, но кај нас тоа доаѓа кај Владата, а таа во моментов во вонредна состојба ќе биде и Парламент. Но одлуката кој ги носи владата вие веќе ги знаете уште во нивната подготовка и ќе бидат транспарентни, јавно објавени и ќе се однесуваат за посериозни алатки за справување со кризата и економските мерки кои ќе ги развиваме. На пример ако сакате 20 милиони евра од еден сектор да ги префрлите во здравствениот сектор за да бидете поспремни, ќе ви треба ребаланс на буџет, а немате Парламент, во тој случај тоа ќе го направи Владата.
Верувам дека граѓаните сега со вонредната состојба ќе бидат уште по одговорни.
Сериозни и професионални тимови ги работат плановите и јас верувам дека ќе успееме вака успешно како што се справуваме со здравствената криза, на ист начин ќе се справиме и со економската криза. Треба да очекуваме дека ќе има силен импакт економската криза врз сите, но сите заедно здружени верувам дека ќе излеземе на крај.
Многу е важно да ги поддржиме здравствените работници и министерот за здравство, но и нашите полицајци коишто асистираат насекаде, да ги обезбедиме и чуваме за да бидат работоспособни, исто и армијата и шалтерските институции“.
Линк до видео: https://youtu.be/UmrKCRVgwtg
Треба да знаете
Последни објави