Search

Второ отворено писмо до ректорот Јанкуловски, демант на „демантот”

Со внимание го прочитавме т.н. демант на нашето обраќање до јавноста. За жал, иако обраќањето беше до институциите во државата, Вие повторно си презедовте улога на законодавач, законотолкувач и апсолутен сопственик на вистината, така што во интерес на објективното информирање принудени сме повторно да се обратиме.

Замајувањето на академската и пошироката  јавноста не само што не е етички, туку е аморално! Воопшто не е одговорно, со оглед на тоа што вашиот „демант” го објавувате во медиуми во кои не е објавено нашето обраќање. Околу причината за тоа не треба многу да се размислува: читателот на текстот, да може да ја слушне само едната страна. Вашата! Затоа се чувствуваме повикани уште еднаш да го демантираме вашиот демант.

Прво, објаснувате дека седницата се одржала по електронски пат. Повторно, Ви укажуваме дека електронска седница, за жал ниту постои, ниту е предвидена во ниту еден акт на Универзитетот. Како модел во овие кризни моменти, би можело да се примени само во однос на тековни прашања за кои може да се гласа недвосмислено и БЕЗ РАСПРАВА. Ваквиот начин е особено неприменлив за точки каде треба да се отвори расправа, а тоа е, Вие добро знаете, прашањето поврзано со распишување избори за ректор.

Второ, пишувате дека „постапката е само формално започната единствено од правни причини да се запази рокот, а потоа другите дејствија да се одложат”. Многу е чудно ова ваше ретерирање, бидејќи ниту еднаш во нашата 3 дневна e-mail дописка не спомнавте ништо слично! Сакаме да Ви укажеме дека ова не е точно и дека за ова воопшто не стана збор на таа седница. Со други зборови се обидувате да ја пласирате „Вашата вистина” која, поради манипулациите е полоша од лага (за среќа постои цела mail конверзација како поткрепа на ова наше тврдење).

Инаку, повторно грешите: во Статутот членот е јасен, почнувањето на постапката, не може да биде неформално. Со носењето на одлука од страна на Ректорската управа постапката е започната. Не постои член кој овозможува по нејзиното отпочнување дејствата да се одложуваат. Вие, намерно или ненамерно, го читате само вториот дел од член 171 кој целост гласи: „Постапка за избор на ректор покренува Ректорската управаво втората половина на месец април во тековната година, односно шест месеци пред истекот на мандатот”. И повторно Ви укажуваме дека не смеете да ја одземате надлежноста на Сенатот и Вие да го толкувате Статутот. Без соодветно толкувања на одредбите на овој Статут од страна на Сенатот (член 361 од Статутот),  не е јасно дали постапката започнува во втората половина на месец април, или (според Вашето слободно толкување), во првата половина на месец март (бидејќи во моментов така Ви одговара).

Трето, во врска со неизборот на претседател на Сенат, јавно ги повикавме институциите на државата да преземат мерки, зошто Вашето објаснување за тоа зошто Вие сеуште претседавате со Сенатот,повторно е Ваше лично толкување, со кое се ставате дури и над Собранието на Република Северна Македонија и го толкувате Законот за високото образование.Вие цитирате член 221 од  Законот за високото образование (Службен весник на Република Македонија бр. 82/2015). Да Ве потсетиме: важечки закон е Законот за високото образование (Службен весник на Република Македонија, бр. 82/2018) и тој гласи: „Ректор, проректор, декан, продекан, член на сенат, односно директор и заменик директор на висока стручна школа избрани пред влегувањето во сила на овој закон, продолжуваат да ги вршат своите функции до истекот на времето за кое се избрани”.

Доколку мислите на овој член 221, повторно Вашите толкувања се произволни и само Ваши. Иако членот е сосема јасен (не би сакале да се ставаме во улога на толкувач), Вие дополнително го толкувате и велите дека „ректорот продолжува да ги врши функциите за кои е избран до истекот на неговиот мандат”. Зборот „функции” во Законот е во множина заради тоа што се однесува на ректор, проректор, декан и тн., а не на повеќе функции на едно лице. Еве Ви пример: дали огласот на кој што се пријавивте за ректор во 2016 година беше распишан за избор на ректор, претседател на сенат, претседавач на ректорска управа и така натаму? Секако не, Вие конкуриравте и сте избрани за ректор.

Како, на пример, другите јавни универзитети во државата имаат избрано претседател на Сенат? Имате ли објаснение по кој Закон го избрале? А изборот на претседател на Сенатот е основен предуслов за законско работење на УКИМ.

Видливо е дека селективно одговоривте на нашите прашања. Се надеваме дека и за другите прашања имате одговор и дека во скоро време ќе нè удостоите со одговори.

На самиот крај, почитуван Ректоре, навистина е неколегијално и непрофесионално во овие тешки моменти за Државата да давате лични квалификации за нас и да ни припишувате дека сакаме да ја искористиме состојбата  во која се наоѓаме заради Корона вирусот. Простете, ама ниско е!

Дека некој се обидува да ја искористи ситуацијата е повеќе од очигледно, но тоа не сме ние.

проф. д-р Вујица Живковиќ

проф. д-р Владимир Петрушевски

проф. м-р Гордана Јосифова Неделковска

Треба да знаете
Последни објави