Сакеларопулу: Грција е модел на демократска и мирна сила која верува во соживотот, соработката и пријателството на народите во регионот

Оваа посета, сепак, е посебна и нова, како за мене, така и за вас. Ова е првпат жена да се наоѓа на функцијата Претседател, а со тоа, првпат една жена ја има титулата Врховен командант на вооружените сили. Ова е голема чест и признание е за сите жени, како и за оние кои служат во вооружените сили, рече новата грчка претседателка Екатерини Сакеларопулу на почетокот од нејзиното обраќање за време на традиционалната информативна посета на Министерството за одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Сакеларопулу рече дека Грција е „модел на демократска и мирна сила која верува во соживотот, соработката и пријателството на народите во регионот” и истакна дека чувањето на националните граници добива и друга димензија бидејќи „грчките граници истовремено се и граници на Европската унија”.

-Нашата земја, посветена на меѓународното право, со целосно почитување на меѓународните договори и обврските што произлегуваат од нив, претставува модел на демократска и мирна сила која верува во соживотот, соработката и пријателството на народите во регионот. Но, ова не значи дека ќе покаже слабост пред било каква агресија и активност насочена против неа. Вооружените сили тоа го докажуваат секој ден. За националниот суверенитет на Грција не се преговара. Заштитата на нашите суверени права се подразбира, порача грчката претседателка.

Сакеларопулу се осврна и на со коронавирусот, велејќи дека „за да се добие оваа битка потребно е строго да се следат наредбите од надлежните органи”.

-Ги заштитуваш другите кога се заштитуваш самиот, се заштитуваш самиот кога ги заштитуваш другите, порача новата грчка претседателка.

Треба да знаете
Последни објави