Австрија и Западен Балкан се договорија да ја зајакнат соработката во борбата против Ковид-19

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и премиерите на земјите од Западен Балкан одржаа денеска видео конференција, на која главна тема беше борбата против пандемијата на коронавирусот.

– Оваа пандемија претставува голем проблем за секој поединец, општество и здравствените системи и покажува колку нашите општества и економии се поврзани, поради што мораме да ја зајакнеме нашата соработка, но и по прашањето за актуелната ситуација со новиот вирус, заклучено е на видео конференцијата.

Укажано е дека е потребно заедничко соочување, со цел да се забави ширењето на вирусот, а со тоа и да се спречи зголемениот притисок врз здравствените системи.

Курц укажа дека опасноста од Ковид-19 не смее да се потцени и побара да се применат слични рестриктивни мерки како што тоа го направила Австрија.

– Избивањето на Ковид-19 води кон инфекции во цела Европа и претставува еден од најважните предизвици за нашиот континент во последните неколку децении, се додава во заклучот од состанокот, на кој учествуваа премиерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово.

Земјите од регионот се изјаснија за соработка во спречување на заразата и меѓусебно се информираа за преземените мерки во борбата против натамошното ширење на новиот вирус.

Денешниот состанок требаше да се одржи во Виена и во фокус да бидат натамошните чекори за приближување кон ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави