Учениците од основните училишта во Центар ќе учат онлајн

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ и директорките на основните училишта во оваа скопска општина денеска на работна средба ги договорија начинот и моделите за продолжување на наставниот процес по електронски пат.

За настава од далечина општинските основни училишта ќе ги користат платформите Edmodo и Google classroom, како и веб-страниците на училиштата, мејлинг-листите и групите на Вибер и Фејсбук.

-Она што е многу важно е што учениците, покрај материјалите, ќе добиваат и задачи со точно утврдени рокови за изработка и доставување до наставникот по електронски пат. Обработки на лектири, тематски проекти, математички и логички задачи и проблеми, есеи се дел од обврските на нашите ученици во овој период на домашен престој. Целта е да не се изгуби континуитетот на наставата и учењето, а во исто време да се пополни слободното време на децата со активности соодветни на возраста, соопшти Општина Центар.

Секој одделенски раководител ќе ги известува своите ученици за обврските што ги имаат и начинот на кој ќе работат. На овој начин квалитетно ќе се исполни дел од слободното време на децата.

На денешниот состанок формиран е и тим од наставници од општинските основни училишта, кои ќе се вклучат во образовната програма на МОН и МРТВ и ќе одржуваат часови на телевизија во живо.

Треба да знаете
Последни објави