Search

Координативното тело на МНР во комуникација со македонските граѓани заглавени во странство

Министерството за надворешни работи преку Координативното тело за помош и поддршка на државјани на Република Северна Македонија кои, поради новонастанатата ситуација со корона вирусот (COVID-19), се наоѓаат затекнати на граничните премини на други држави и аеродроми, оствари мноштво контакти и разговори како со засегнатите наши граѓани, така и со различни институции во државата и во странство со цел изнаоѓање на решенија и давање соодветни информации и совети.

По интензивна комуникација и координација со наши граѓани кои се враќаат во државата, како што е случај со тие од Малта, Шпанија или транзитирањето низ Република Србија и Република Албанија, се преземаат најсоодветни можни решенија, во услови на менување на околностите на дневна основа.

Во Малта нашите граѓани се упатуваат за враќање во државата преку аеродромот во Истанбул;  во Шпанија, како земја со висок ризик, се изнаоѓаат алтернативни дестинации и транзити како нашите граѓани би можеле да допатуваат во Скопје, што е случај и со аеродромот во Белград, а се работи и во координација со соседна Албанија.

Дополнително беше одговорено на голем број прашања на наши граѓани кои се соочуват со практични проблеми поврзани за престојот во странство, патување низ територијата на државите во Европа, како и можноста за нивно враќање во државата.

Министерството за надворешни работи прави напори за надминување на ваквата состојба и остварува постојана комуникација со сите заинтересирани страни, согласно мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија, како и согласно мерките на другите држави во кои престојуваат или транзитираат нашите граѓани.

Треба да знаете
Последни објави