Search

Институтот за здравство на Косово бара затворање на границите поради коронавирусот

Косовскиот министер за здравство Арбен Витиа на денешната седница на Посебната комисија за спречување на коронавирусот во Косово, инофрмира дека Националниот институт за јавно здравство (ИКШП) препорача затворање на границите со соседните држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Витиа, ИКШП цени дека се уште нема место за паника, но оти е потребно да се зголеми нивото на готовност за справување со епидемијата која го зафати светот.

– Имајќи ја предвид епидемиолошата ситуација со Ковид-19 во последните денови и проценката на Светската здравствена организација, која цени дека епидемиолошката ситуација е со висок ризик во целиот свет, како и прогласувањето пандемија од страна на СЗО, се предлага затворање на границите со соседните држави. Институтот и Комитетот за следење на заразните болести при МЗ, поаѓајќи од мерките на Владата од 11 март, кои налагаат времено запирање на воздушниот и копнениот сообраќај кон и од земјите со висок и среден ризик до една наредна одлука, му препорачуваат на министерот за здравство да преземе конкретни дејствија во тој правец, изјави Витиа.

Тој рече дека, иако во Косово засега нема потврдени случаи на заразени од смртоносниот вирус, тие во секој момент можат да се појават, а Министерството и Владата ги преземаат сите потребни мерки за справување со можниот развој на настаните.

Витиа изјавата за новинарите ја даде на пауза од седницата на Комисијата за спречување на коронавирусот, со која претседава премиерот Албин Курти, кој предложи продолжението на седницата да се одвива без присуство на медиумите, а за одлуките јавноста ќе биде навремено информирана.

Курти изјави дека Владата будно ја следи ситуацијата со смртоносниот вирус и ги презема сите потребни мерки за справување со него.

Треба да знаете
Последни објави