Search

Филмски грабеж на автопат во Романија, ограбувале камиони полни со стока

Романска банда која ограбувала камиони додека со огромна брзина возеле по автопатиштата, е фатена за време на операција без преседан. Во акцијата учествувале полициите на пет земји, соопшти Европол и романското обвинителство.

„За такви грабежи потребен е висок степен на уиграност“ се наведува во соопштението на Европол и се додава дека во рамки на полициската операција уапсени се 68 Романци.

Крадците ги бркале камионите со четири возила. Првото возило ќе се „залепело“ за задниот дел на камионот и еден од крадците се извлекувал преку отвор на покривот на возилото и ги кршел бравите на задните врати од товарниот дел на камионот. Потоа ги отворал вратите, ја вадел стоката од камионот и им ја додавал на неговите соработници.

Припадниците на бандата во останатите три возила го забавувале камионот.

„Често возачите на ограбени камиони и други возачи не биле ни свесни што се случило“ соопшти Европол и оцени дека кражбите потсетуваат на американските акциони филмови „Фаст енд Фјуриос“.

На тој начин бандата украла стока за над 10 милиони евра во околу 150 напади, посебно ноќе и тоа во Франција, Белгија, Финска и Холандија.

Во акцијата претресени се 73 адреси во Букурешт и во уште пет места во Романија, каде се најдени: стотина телефони и лаптопи, луксузна козметика, облека и обувки, како и три луксузни автомобили.

Триесетина останати припадници на бандата изминатите месеци се уапсени во Франција, Шпоанија, Холандија и Шведска, додаде Европол.

Треба да знаете
Последни објави