Search

Мигратското-бегалското прашање и коронавирусот во фокусот на средбата Меркел – Мицотакис во Берлин

Ситуацијата на грчко – турската граница кај Еврос, мигрантското/ бегалското прашање, Договорот ЕУ- Турција, повеќегодишната финансиска рамка на унијата, како и новиот корона вирус биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германската канцеларка Ангела Меркел на нивната вчерашна средба во Берлин во рамките на грчко- германскиот економски форум , јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис, според информациите, детално ја информирал Меркел, за „организираниот, масовен обид за нелегален влез на европска територија на луѓе од турска страна што е во тек од 28 февруари” и како што брифираат извори од Атина, ја истакнал директната и индиректна вмешаност на турските власти во создавањето и продолжувањето на овој обид за преминување на европските граници.

Грчкиот премиер, го споменал и објавеното видео на кое воено турско возило, за кое во Грција се коментира дека е финансирано од средства на ЕУ, се обидува да ја урне заштитната ограда на границата кај Еврос.

Според истите информации, Меркел рекла дека Договорот ЕУ – Турција од март 2016 не се однесува само на средствата што Анкара ги добива од Европа, туку и на почитување на обврските и рекла дека бегалското/ мигрантското прашање ја засега на целата ЕУ.

На средбата станало збор и за потребата да се подобри конкретниот договор, како на пример да има заеднички патроли со Фронтекст не само во грчката морска територија, туку и во турската, а враќањата од Грција во Турција на бегалци и мигранти да важи освен за островите и за останатите делови од земјата.

Мицотакис и Меркел, се согласиле дека временскиот период до Самитот на ЕУ на 26 март, треба да се искористи на конструктивен начин, пред сѐ за намалување на провокациите од Турција.

Во однос на новиот коронавирус, грчкиот премиер и германската канцеларка, разговарале за последиците како врз јавното здравје, така и врз економијата.

Треба да знаете
Последни објави