Search

НАТО и ЕУ го рестартираат дијалогот со Ердоган

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Брисел ја повика Европската Унија да помогне повеќе во грижата за бегалците од Сирија кога некои официјални претставници на ЕУ го обвинија за уцена зашто ги пушти бегалците oд турската почва да се упатат кон Европа, пренесува агенцијата АП.

Илјадници бегалци се наоѓаат на границите на Турција и земјата членка на ЕУ, Грција, бидејќи владата на Ердоган соопшти дека повеќе нема да ги спречува во нивниот пат кон Западна Европа.

Во Турција има повеќе од 3,5 милиони бегалци од Сирија.

Членките на ЕУ ја поддржаа Грција, која како и Турција е членка на НАТО, велејќи дека земјата е штит на границите на Европа.

„Надвор од разумот и поимањето е сосед и сојузничка земја да нè означи како причина за неконтролирана миграција“, рече Ердоган пред новинарите во Брисел по разговарот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Ердоган претходно ја обвини ЕУ дека не ги исполнила своите обврски, особено финансиските, од договорот од 2016 година за запирање бранот бегалци што сакаа да стигнат во Европа.

По состанокот со Столтенберг, Ердоган се состана со претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, на разговори за спроведувањето на договорот од 2016 година.

Договорот предвидуваше Турција да го спречи приливот на мигранти и бегалци за чија грижа би добила шест милијарди евра, забрзување на преговорите за членство во ЕУ и укинување на визите за турските државјани.

Мишел им рече на новинарите дека Турција и ЕУ имаат различни ставови за разни прашања и оти затоа е важно да се има чесен и отворен дијалог.

„За нас е важно договорот да се спроведе“, нагласи Мишел.

Тој додаде дека, покрај прашањето за мигрантите, важно е ЕУ да го разгледа со Турција развојот на ситуацијата во Сирија за да се утврди како Унијата би можела политички да помогне и да придонесе за стабилноста на целиот регион.

Урсула фон дер Лаен рече дека средбата со Ердоган претставува рестартирање на дијалогот.

Треба да знаете
Последни објави