Пецас: Центри за притвор за нелегалните мигранти во Грција

Секој што во Грција ќе влезе нелегално, ќе биде префрлен во центар за притвор, а потоа и депортиран во земјата на потекло, најави портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг до новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Со оглед на тоа дека владиниот совет за национална безбедност на состанокот одржан во неделата, одлучи еден месец да не се примаат барања за азил, мигрантите по пристигнувањето, нема да се носат во центрите за регистрација, туку во центрите за притвор за кои се бара локација, но ќе бидат во близина на аеродроми.

Пецас истакна дека сега, приоритет на Владата е да се спречат новите бранови бегалци и мигранти и да се депортираат оние кои влегуваат нелегално.

-Како што одлучи владиниот совет за национална безбедност, луѓето кои од неделата па натаму ќе влезат во Грција, односно оние малкумина, кои ќе успеат да поминат, ќе бидат задржани во центри за притвор и итно враќање, што нема да на островите, туку разгледуваме две области, што ќе ги соопштиме во следните часови. Целта е да бидат блиску до аеродроми, дали во Солун или во Атина, за овој транспорт, главно од островите во овие објекти да биде итен за враќање во земјите на нивно потекло. Тоа е различна категорија на луѓе, кои нема да влегуваат во центрите за регистрација и идентификација, согласно одлуката на владиниот совет за национална безбедност и нема да бидат регистрирани за процедурата за поднесување барање за азил и ќе почне процесот за нивно враќање, објасни Пецас.

Портпаролот на грчката Влада рече дека од петокот наутро, Грција е на мета на ненадеен и масовен притисок од движење на население на нејзината источна копнена и морска граница. Истакна дека станува збор за организирана и координирана операција која е охрабрена и насочена од турската влада, а овие негови тврдења, Пецас ги поткрепи и со неколку работи, кои, како што рече, „ја потврдуваат оваа вистина”, јави дописничката на МИА од Атина.

-Изјавите на турскиот претседател и други функционери од соседната земја дека границите се отворени; Собир на мигранти во центарот на Истанбул, на Одрин и на други места и бесплатен организиран превоз до границата, со придружба на турската гранична полиција; Сведоштвата на мигрантите – снимени од меѓународните медиуми, дека од турските власти добиле упатства да се упатат кон границата; Пораките што мигрантите ги добија на нивните мобилни телефони дека наводно границата е отворена; Објавување од турската државна телевизија, мапа со рутата кон Еврос и крајбрежјето спроти грчките острови; Употреба на солзавец што го користи турската војска, од страна на мигрантите, кои се обидуваат да влезат на грчка територија, рече Пецас.

Одговарајќи на новинарско прашање за веројатноста на грчко – турската граница, на територијата на Турција да се формира импровизиран камп на бегалци и мигранти, портпаролот на грчката влада рече дека тоа би било проблем на Турција.

Треба да знаете
Последни објави