Search

Атина ја обвинува Анкара дека шири лажни вести за мигрантите

Грчката полиција во неделата со солзавец се обиде да ги растера мигрантите кои ја нападнаа со камења на границата во северниот регион Еврос, а официјална Атина ја обвини Анкара за ширење неточни информации за да го охрабри движењето на тие луѓе кон Грција, која е првата земја членка на ЕУ на патот кон Европа.

„Продолжува кампањата за ширење дезинформации од турските власти. Реалноста е оваа: околу 10.000 луѓе беа спречени да се обидат да влезат на грчка територија“, објави на Твитер грчкото Министерство за надворешни работи.

Поради приливот на илјадници мигранти во Грција, грчкиот министер Киријакос Мицотакис повика итен состанок меѓу Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана.

УНХЦР повика на мир и на неупотреба на „прекумерна“ сила против илјадници мигранти кои пристигнуваат на грчко-турската граница, во обид да влезат во Европската Унија. Тие повикаа на „мир и на попуштање на тензиите на границата“.

„Државите имаат законско право да ги контролираат своите граници и да водат сметка за невообичаениот прилив на луѓе, но тие мора да се воздржат од употреба на прекумерна сила и да имаат воспоставен систем што ќе овозможи легитимно барање на азил“, порача портпаролот на УНХЦР, Бабар Балох.

Грчкото Министерство за миграција објави дека грчката полиција досега спречила 9.600 мигранти кои се обиделе да ја преминат границата.

Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, утрово на „Твитер“ напиша дека повеќе од 76.000 мигранти ја минале турската граница кон ЕУ.„Бројот на мигранти кои ја напуштија Турција во правец на Европа е 76.358. Ја отворивме вратата. Бегалците се слободни да останат во Турција или да заминат“, напиша Сојлу.Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека неговата земја ги отворила границите и ќе им дозволи на бегалците да одат во Европа доколку тоа го сакаат.

Треба да знаете
Последни објави