Трамп веќе утре може да биде ослободен од обвинувањата во Сенатот

Шансите републиканците да ги прифатат барањата на демократите и да дозволат сведоци во судењето за импичмент на претседателот Доналд Трамп во Сенатот се се помали, со што расте можноста претседателот да биде ослободен од сите обвинувања уште утре.

Сенаторите вчера му поставија прашања на адвокатскиот тим на Трамп и на демократските пратеници во Претставничкиот дом кои учествуваат како „обвинители” на судењето во постапката за отповикување на претседателот.

Белата куќа се спротивстави на планираното објавување на книгата на поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој кажал дека претседателот имал главна улога во  политички мотивираната кампања на притисок врз Украина.

Американскиот републикански сенатор Џон Барашо, трет по ранг меѓу нив, изјави дека е можно судењето да заврши во петок и демократите да не успеат да ја остварат својата цел, а тоа е повикување сведоци.

-Јасно се оди кон конечната одлука во петок. Тоа гласање ќе се одржи во петок, рече тој иако призна дека уште неколку сенатори сакаат да ги послуштаат одговорите на прашањата.

Запрашан кога во петок може да се одржи гласањето за да се стави точка на расправата за повикување сведоци и да се мине на донесување одлука за Трамп, Барашо одговори дека тоа веројатно ќе се одржи во попладнето или подоцна истиот ден.

И други републикански сенатори вчера предвидоа сличен исход во разговори со новинарите во текот на паузата од судењето. Тие кажаа дека дел од нивните колеги и натаму сакаат денеска да ги послушаат одговорите на своите прашања.

На демократите им се потребни четири гласа од републиканските сенатори за да имаат мнозинство за изгласување повикување сведоци.

Очекувањата се дека Сенатот ќе го ослободи Трамп, но дозволувањето сведочења, како тоа на Болтон, може да му нанесе политичка штета пред изборите на 3 ноември.

Треба да знаете
Последни објави